Connect with us

Милевски: Германија има супер квалитет, ама и Македонија е силна!

Македонија оствари убедлив триумф (0-4) на гости против Лихтенштајн во Вадуц и се искачи на второто место на табелата во групата, пред финишот од квалификациите за СП во Катар. Тоа место води во бараж за мундијалот, а играта на Македонија дава надеж дека можеме да го задржиме до крајот.

За три дена во Скопје доаѓа Германија, а селекторот Благоја Милевски, кој вечерва го забележа првиот триумф со А-тимот, вели дека нашиот национален тим нема да се откаже до последен момент ниту против големиот фаворит.

„Германија има супер квалитет, за тоа не треба ни да говориме. Но, ние ќе играме исто и против Германија, видовме дека и Македонија е силна. Ние сме на почеток на градење на еден стил на игра и драго ми е што фудбалерите тоа комплетно го прифаќаат“, вели селекторот Благоја Милевски.

Доминиравме против Лихтенштајн, што секако јавноста и го очекуваше.

„Победата во ниеден момент не дојде во прашање, ниту кога на почетокот не успеавме да реализираме неколку шанси. Фудбалерите апсолутно ги извршија сите задачи што им беа зададени. Ние сме во фаза на формирање на еден тим кој ќе го нападне ЕВРО 2024, но ќе играме максимално сериозно до крајот на овие квалификации. Ќе се бориме и ќе видиме дали ќе завршиме на втората позиција. Сега треба да се одмориме и да се подготвиме за следното искушение“, изјави Милевски.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови