Connect with us

Мбапе: Не сакав да играм за Франција затоа што ме нарекуваа мајмун

Еден од најдобрите играчи на денешницата, Килијан Мбапе, реши да си ја отвори душата и да објасни зошто летово не замина од ПСЖ во Реал Мадрид, но и зошто беше на чекор од никогаш повеќе во кариерата да не го облече дресот на француската репрезентација.


Мбапе летово беше главна тема на фудбалската јавност бидејќи многумина беа сигурни дека тој оди во Реал Мадрид како слободен играч, но тој ги изненади сите со одлуката конечно да потпише нов договор со ПСЖ.

Наводно, Мбапе претходно договорил се со Реал Мадрид каде што подготвиле се за неговото доаѓање и не можеле да поверуваат дека тој ги изиграл на таков начин и на крајот решил да остане во Париз.

Имаше многу информации околу сето ова, но Мбапе реши сега да зборува за сето тоа и да ја открие вистинската вистина.

Во интервју за „Sports Illustrated“, Мбапе призна дека дури бил повикан од претседателот на Франција, Емануел Макрон, кој побарал од него да остане во ПСЖ, што на крајот и го направил.

„Имаше повици во декември, јануари, февруари, март… Макрон ми се јави и ми рече: ‘Знам дека сакаш да заминеш, но би сакал да знаеш колку е важно за тебе да останеш во Франција. Имаш шанса да пишуваш историја овде’. Мило ми беше што ми се јави и бев изненаден што и претседателот го следеше сето тоа“, изјави Мбапе.

„Секако дека беше полесно да се оди во Реал Мадрид, но во моментов имам други амбиции. Јас сум Французин и дете на Париз и сакам да освојам се со овој клуб. За мене е нешто посебно кога можеш да го запишеш твоето име во историјата на оваа земја и тоа ќе се памети засекогаш“.

Мбапе уште еднаш се присети на моментот кога размислувал да ја заврши својата репрезентативна кариера минатото лето по изненадувачкиот излез на Франција од Европското првенство во осминафиналето.

Тогаш напаѓачот на ПСЖ доби големи навреди и критики од француската јавност, а поради некои грозоморни навреди сакаше да ја заврши својата приказна во репрезентацијата и никогаш повеќе да не го облече дресот на Франција.

“Размислував за тоа најсериозно. Не сакав да играм за луѓе кои ме нарекуваат мајмун. Бев решен да не играм, но луѓето околу мене ме убедија да не го правам тоа поради таквите личности”, вели Мбапе.

„Најтешко ми беше што го промашив пеналот против Швајцарија, но не заслужив некој така да ме навредува на расна основа. Тој бран на омраза во тоа време беше полн со расизам и тоа навистина ме повреди.“

Тој смета дека Франција има шанса да ја одбрани титулата светски првак, која оваа репрезентација ја освои во Русија пред четири години.

„Ова е новата Франција и затоа не се откажав од оваа репрезентација. Ова е порака за младите никогаш да не се откажуваат, без разлика на сите тие страшни навреди. Затоа што вашиот успех е најлош за нив. Ние одиме во Катар да се обидеме да ја одбраниме титулата, имаме одличен тим и мораме да го покажеме тоа повторно“, заклучи Мбапе.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови