Connect with us

Манчестер Јунајтед денеска решава дали Тен Хаг ќе остане на кормилото

Судбината на Ерик тен Хаг ќе биде одлучена во текот на денешниот ден, кога раководството на Манчестер Јунајтед ќе одржи специјален состанок, а фаворит за наследник на Холанѓанецот се смета дека е Германецот Томас Тухел, пренесува медиумите на Островот.

Работата на Тен Хаг е сериозно загрозена откако „црвените ѓаволи“ имаат најлош старт на сезоната во Премиер – лигата во последните 50 години, со само осум освоени бода од седум натпревари, што ги смести на незавидната 14-та позиција на табелата.


Косопственикот на Манчестер Јунајтед, Сер Џим Ратклиф, неговата десна рака Сер Дејв Брејлсфорд, извршниот директор Омар Берада, спортскиот директор Дан Ешворт и техничкиот директор Џејсон Вилкокс ќе се сретнат подоцна денеска за да одлучат дали Тен Хаг ќе остане или ќе биде ослободен од својата позиција.

На состанокот ќе им се приклучи и мнозинскиот акционер Џоел Глејзер, кој присуствуваше на средбата со група навивачи на тимот заедно со Ратклиф во понеделникот на „Олд Трафорд“.

Доколку Тен Хаг биде отпуштен, фаворит за негов наследник е Томас Тухел, кој претходно преговараше со „црвените ѓаволи“ летово, но двете страни не успеаја да постигнат договор. Поради тоа, раководството на Манчестер Јунајтед реши да го продолжи договорот на Тен Хаг.

Поранешниот тренер на Челси и на Баерн Минхен, Томас Тухел, е без работа откако ја напушти германската екипа на крајот од минатата сезона, но сега е подготвен да го преземе тимот од „Олд Трафорд“, и покрај неуспешните преговори летово.

Манчестер Јунајтед не успеа да се квалификува во Лигата на шампионите минатата сезона, а доколку тоа повторно се случи, ова ќе биде првпат во историјата на Премиер – лигата клубот да не игра во елитното натпреварување во две последователни сезони. Неуспехот би можел да го чини клубот околу 50 милиони фунти, поради што раководството може да одлучи да го смени Тен Хаг доколку смета дека пласманот во топ 4 е невозможен под негово водство.

Доколку управата на Јунајтед одлучи да го отпушти Тен Хаг, кој ја води екипата трета сезона, поранешниот напаѓач на клубот Руд ван Нистелрој, кој моментно е дел од тренерскиот тим на својот сонародник на „Олд Трафорд“, ќе го преземе тимот барем привремено.

Манчестер Јунајтед има само две победи во седум натпревари во Премиер – лигата оваа сезона и не успеа да постигне гол на последните три средби во лигата. Тимот на Тен Хаг постигнал само пет гола во лигата оваа сезона, со што е подобар само од Саутемптон во оваа категорија. „Црвените ѓаволи“ исто така лошо ја започнаа и сезоната во Лига Европа, каде одиграа нерешено со Твенте и Порто, што ги смести на 21-то место на табелата, додека само првите 24 екипи се квалификуваат во елиминациската фаза.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови