Четвртото коло од првенство во Првата македонска фудбалска лига само дополнително ја засили кризата во редовите на Шкендија. Шампионот загуби и од Борец по што следеше отказот за шефот на стручниот штаб Ќатип Османи. Кризата продолжува и за „романтичарите“ кои на домашен терен загубија од Академија Пандев. Од друга страна, пак, Вардар го надминува лошиот старт на сезоната и со триумфот на гости против Ренова веќе навлегува во позитивен ритам.
МАКФУДБАЛ го издвои најдобриот тим на 4. коло од сезоната 2019/2020 во Првата македонска фудбалска лига:
1. БУРХАН МУСТАФА (БОРЕЦ)
Еден од најзаслужните за големата победа на Борец против Шкендија. Го одбрани пеналот на Бесарт Ибраими, а уште во неколку наврати одлично интервенираше спречувајќи погодок на гостите.
2. ФЕРНАНДО РОДРИГЕС (МАКЕДОНИЈА ЃП)
Квалитетна партија на Бразилецот кој со прекрасниот погодок од слободен удар го отвори патот за триумфот на „лавовите“. Во продолжението беше причина и за пенал на домашните, но генерално одигра квалитетна средба за својот тим.
3. КРИСТИЈАН ТОШЕВСКИ (ВАРДАР)
Сигурен, цврст, беспрекорен во дефанзивните задача, еден од најсигурните во клучните моменти кога се кршеше резултатот на дуелот со Ренова.
4. ТРАЈЧЕ СТОЈКОВСКИ (БОРЕЦ)
Вистински борец пред својот гол, во добар дел од натпреварот максимално сигурен пред постојаните налети на противничките фудбалери. Одбраната и ја носеше клучната улога во триумфот на велешани.
5. КРИСТИЈАН ЕФТИМОВ (БОРЕЦ)
Максимално сигурен во дефанзивата на својот тим, но и активен со поддршка во средниот ред низ текот на сите 90 минути на средбата.
6. БОБИ БОЖИНОВСКИ (МАКЕДОНИЈА ЃП)
Уште една капитенска партија на искусниот Божиновски. Носител на играта на својот тим, стрелец и на еден од головите во победата од 3-4 во Кратово.
7. АБДУЛХАДИ ЈАХЈА (СТРУГА ТЛ)
Младиот Јахја не дозволи пораз за својот тим на мечот против Шкупи. Стрелец на единствениот погодок за Струга ТЛ во ремито со чаирчани.
8. БЕНЈАМИН ДЕМИР (МАКЕДОНИЈА ЃП)
Нов квалитетен натпревар на крилниот офанзивец на „лавовите“. Постојано активен во нападот, активна закана за противничката одбрана, стрелец и на еден од погодоците во победата на својот тим.
9. МАРИО КРСТОВСКИ (АК. ПАНДЕВ)
Влезе во игра во игра во второто полувреме и со прекрасен погодок донесе победа за „пандевци“ на гостувањето против Работнички.
10. НИКОЛА ПРЕЛЧЕЦ (БОРЕЦ)
Офанзивецот на велешани е творецот на победата против Шкендија. Хрватскиот интернационалец по соло акција стрелајќи прецизно од 18 метри донесе голем триумф за Борец.
11. ЏЕМАЛ ИБИШИ (ВАРДАР)
Херојот на Вардар на гостувањето во Тетово. Влезе во игра и во првиот контакт со топката постигна убав гол за триумф против Ренова.
ТРЕНЕР НА КОЛОТО: ГОРАЗД МИХАИЛОВ (БОРЕЦ)
Иако пред почетокот на сезоната го понесе епитот аутсајдер во лигата, велешки Борец веќе во само неколку кола покажа дека ќе биде повеќе од тежок противник за секоја екипа. Михаилов креираше пред се компактен тим кој носи во себе целина за позитивни резултати. Така беше и против Шкендија. Борец со мудра, трпелива игра стигна до трите бода како мотив плус за фудбалерите за продолжението од шампионатот.
-
МАКФУДБАЛ ТИМ НА ПОЛУСЕЗОНАТА
Силекс заврши на врвот по првиот дел од сезоната во Првата лига, благодарејќи на...
Автор makfudbal
-
МАКФУДБАЛ ИГРАЧ на полусезоната: Али Регба (Работнички)
Работнички е најпријатното изненадување на првиот дел од сезоната во Првата фудбалска лига. „Романтичарите“...
Автор makfudbal