Третото коло од шампионатот уште еднаш ја потврди кризата во која се наоѓа Шкендија која никако не умее да стигне до триумф, овој пат ремизирајќи на домашен терен со Македонија ЃП. За разлика од тетовци, Вардар триумфираше против Работнички, а нов лидер во шампионатот е Академија Пандев која лесно славеше против Борец. Одличен меч одиграа Шкупи и Ренова, ремизирајќи на крајот, 2-2.
МАКФУДБАЛ го издвои најдобриот тим на 3. коло од сезоната 2019/2020 во Првата македонска фудбалска лига:
1. МАРКО ЈОВАНОВСКИ (МАКЕДОНИЈА ЃП)
Одличен на голот на „лавовите“ со неколку извонредни интервенции во клучните моменти кога се бранеше резултатот против шампионот Шкендија.
2. ВЛАДИЦА БРДАРОВСКИ (ВАРДАР)
Квалитетна партија на Брдаровски кој се издвои како еден од најактивните во редовите на Вардар, и во дефанзивата и во отворените офанзивни задачи, во триумфот над Работнички.
3. ЕГЗОН БЕЈТУЛАИ (ШКЕНДИЈА)
Успеа да го постигне првиот гол за Шкендија сезонава. Убав погодок, ако ништо друго, барем за реми на тетовци.
4. ЕВГЕНИЈ НОВАК (ВАРДАР)
Вообичаено сигурен во одбраната на црвено-црните. Сега повторно се издвои како столб на дефанзивата, не дозволувајќи во дербито со Работнички противникот да се надева на позитивен резултат.
5. БЛЕРТОН ШЕЈИ (СТРУГА ТЛ)
Уште една квалитетна партија на левокрилниот дефанзивец. Активен во нападот, но и сигурен во дефанзивните задачи.
6. ЃОРЃИ ТАНУШЕВ (АК. ПАНДЕВ)
Го постигна најубавиот гол на колото. Со убава мајсторија ја запечати победата над Борец за својот тим.
7. ДАНИЕЛ АВРАМОВСКИ (ВАРДАР)
Максимално активен во средниот ред на Вардар, креатор на поголемиот дел од офанзивните акции, на крај и со гол крунисувајќи ја квалитетната партија.
8. ЉУПЧЕ ДОРИЕВ (АК. ПАНДЕВ)
Нова беспрекорна партија на Дориев. Најзабележителниот на теренот против Борец, со одлична индивидуална акција отворајќи го резултатот, трасирајќи го патот кон новата победа за својот тим.
9. МАРИН ЈУРИНА (ШКУПИ)
Донесе бод за Шкупи против Ренова. Стрелец на двата гола во ремито против „гипсарите“.
10. ХРИСТИЈАН КИРОВСКИ (СТРУГА ТЛ)
Творецот на победата на Струга Трим Лум против Силекс. Стружани се пријатно изненадување на стартот од сезоната. За втората победа во првите три кола најзаслужен Кировски кој беше стрелец на двата гола во триумфот од 2-1 против Силекс.
11. РЕМЗИФАИК СЕЛМАНИ (РЕНОВА)
Одлична партија на Селмани крунисана со два прекрасни погодоци. Два гола за реми со Шкупи, по кои Ренова и натаму е непоразен тим во македонскиот шампионат.
ТРЕНЕР НА КОЛОТО: ЈЕТОН БЕЌИРИ (СТРУГА ТЛ)
Струга ТЛ е пријатно изненадување на стартот од новата сезона. Јетон Беќири склопи навистина респектабилен состав, тактички одлично подготвен за секој противник. Така беше и на дуелот против Силекс на кој стружани точно знаеја што сакаат, мудро и трпеливо стигнувајќи до победата.
-
МАКФУДБАЛ ТИМ НА ПОЛУСЕЗОНАТА
Силекс заврши на врвот по првиот дел од сезоната во Првата лига, благодарејќи на...
Автор makfudbal
-
МАКФУДБАЛ ИГРАЧ на полусезоната: Али Регба (Работнички)
Работнички е најпријатното изненадување на првиот дел од сезоната во Првата фудбалска лига. „Романтичарите“...
Автор makfudbal