МАКФУДБАЛ – Тим на 22.коло
Шкупи заедно со Академија Пандев се двата најдобри тимови низ досегашните четири кола од пролетниот дел на сезоната. Тоа го потврдија и со победите против Шкендија односно Работнички во пресметките од 22. коло. Во колото со само пет постигнати погодоци, од кои три на пресметката на „Филип Втори“ каде Академија Пандев славеше со 1-2 против Работнички, се издвојува и триумфот на Силекс над Победа. Кратовци не знаат за пораз во вториот дел од шампионатот. А, Беласица и Вардар и во третиот меѓусебен натпревар сезонава повторно ремизираа, овој пат без голови.
МАКФУДБАЛ го издвои најдобриот тим за 22.коло.
1. УРОШ ЃУРИЌ (РЕНОВА)
Најзаслужниот што Ренова остана непоразена од пресметката со Македонија ЃП во Тетово. Уште на самиот почеток на мечот спречи водство на гостите со одлична интервенција по обидот на Кировски, во продолжение уште во неколку акции на противникот спречи погодок, а во второто полувреме го одбрани и ударот од белата точка на Боби Божиновски.
2. АМИР БИЛАЛИ (ШКУПИ)
Квалитетно издание на десниот бек на Шкупи. Еден од најактивните во составот на чаирчани, одличен во дефанзивата но и максимално активен во нападот.
3. МАРИО МАСЛАЌ (БЕЛАСИЦА)
Српскиот интернационалец кај струмичани одличен во одбраната во ремито против Вардар. Во неколку наврати одлично реагираше при акциите на гостите, цврст во дуелите без посериозна грешка. Спречи на самата гол линија и сигурен погодок на „вардарци“.
4. ДИМЕ ДИМОВ (АК. ПАНДЕВ)
Уште едно квалитетно издание на Димов. Максимално ги неутрализираше офанзивците на Работнички во текот на целиот натпревар, меч одигран речиси без грешка.
5. ДЕЈАН БЛАГОЈЕВИЌ (СИЛЕКС)
Левокрилниот дефанзивец на кратовци на висина на задачата против Победа. Со сериозно истрчана километража, сигурен во дефанзивата, а секогаш како поддршка за средниот ред и напаѓачите во офанзивните акции.
6. МУАРЕМ БАЈРАМИ (ШКУПИ)
Една од клучните алки на Шкупи во одбраната и средниот ред. Неутрализатор на сите противнички напади, но и креатор на почетокот на поголемиот дел од акциите на чаирчани. Овој пат и сигурен реализатор од белата точка со што ја донесе победата на Шкупи против Шкендија.
7. ЉУПЧО ДОРИЕВ (АК. ПАНДЕВ)
Како по обичај еден од најстандардните во редовите на Академија Пандев. Беспрекорен во контролата на средниот ред, и во дефанзивните и во офанзивните задачи. Сигурен и од пеналот со кој ја најави победата на својот тим.
8. ДЕЈАН ТАНТУРОВСКИ (МАКЕДОНИЈА ЃП)
Највпечатливиот во редовите на „лавовите“, активен во поголемиот дел од офанзивните акции на тимот а без грешка и како неутрализатор на акциите на противникот.
9. ДАРКО АЛЕКСОВСКИ (СИЛЕКС)
Беспрекорен во играта на Силекс на средината од теренот. Стрелец и на единствениот погодок на мечот, сигурен реализатор од белата точка, за победа на кратовци.
10. ДАНИЕЛ МИЛОВАНОВИЌ (АК. ПАНДЕВ)
Најкорисниот фудбалер на Академија Пандев. Џокер на Југослав Тренчовски, во игра влезе во второто полувреме и повторно, како и на претходниот натпревар од Купот на Македонија, донесе свежина во офанзивната линија веднаш постигнувајќи и погодок за својот тим.
11. СЕРЏО ЖУНИОР (ШКУПИ)
Бразилецот Сержо Жуниор уште еднаш потврди дека е еден од најдобрите фудбалери на тимот на Шкупи. Секогаш сериозна закана по противничкиот гол, тешка задача за секој од дефанзивците на Шкендија. Го изнуди и пеналот по кој чаирчани дојдоа до победата.
ТРЕНЕР НА КОЛОТО: УМИТ КАРАН (ШКУПИ)
Тренерот кој, по голем број мечеви, успеа да донесе победа за Шкупи во пресметките со Шкендија. Очигледно извлекува максимум од својот тим, голем мотивитор но и тактичар кој мудро знае што е неопходно за да се дојде до посакуваниот успех. Шкупи е комплетно препороден како тим, по неговото доаѓање на клупата на чаирчани.
-
Ексклузивна колумна на Филип Лам: Хомогеноста на Шпанија против непредвидливите Германци
Осум селекции сѐ уште остануваат, но сите дваесет и четири нации придонесоа за успехот...
Автор makfudbal
-
(ИН)ДИРЕКТ: Време е за ново „правило“: Ако не минеш две кола во Европа, следните три години „не смееш“ да играш!
Македонските фудбалски туристи се прошетаа низ Европа, добро, низ споредните државички кои се далеку...
Автор Nikola Gjurovski