Connect with us

МАКФУДБАЛ – ТИМ НА 20.КОЛО ВО ПРВАТА ЛИГА!

Шкендија победи, но Вардар не беше премногу инфериорен. Шкупи и Македонија ЃП потфрлија, Академија Пандев и Борец освоија важен бод во битката за опстанок. Пелистер совлада директен конкурент за опстанок, Ренова не е во добар пролетен ритам, а Беласица блесна само еднаш. Струга Трим Лум освои три бода, Работнички и Силекс го поделија пленот.

МАКФУДБАЛ го издвои најдобриот тим на 20.коло во Првата фудбалска лига.

  1. РИСТЕ ЈАНКОВ (РАБОТНИЧКИ)

Прими гол за кој не беше виновен, а го спаси Работнички со две фантастични интервенции кога Иван Ивановски и Дејан Тантуровски имаа колосални шанси.

  1. МЕВЉАН МУРАТИ (ШКЕНДИЈА)

Одигра одличен натпревар, учествуваше во многу акции на Шкендија по десната страна, а со офанзивниот пристап успеа да го постигне и водечкиот гол за својот тим.

  1. НИКОЛА СЕРАФИМОВ (АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ)

Се врати од повреда, но одигра мудро, цврсто, командуваше со одбраната на Академија Пандев која успеа да не прими гол на тешкото гостување кај Шкупи.

  1. ОЛИВЕР СТОИМЕНОВСКИ (БОРЕЦ)

Борец освои важен бод во борбата за опстанок,а дефанзивецот на велешкиот прволигаш беше на висина на задачата на гостувањето против Македонија ЃП.

  1. АРМЕНД АЛИМИ (ШКЕНДИЈА)

Како и секогаш, главен диригент во играта на Шкендија. Постигна фантастичен гол од слободен удар и го реши дербито со Вардар.

  1. ЃОРЃИ СТОИЛОВ (АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ)

Доби многу дуели на средината на теренот, умееше да ја задржи топката, градеше акции на својот тим кој успеа да ремизира без голови против Шкупи.

  1. МЕТОДИ МАКСИМОВ (РАБОТНИЧКИ)

Тој е еден од адутите на Работнички во новата тактичка поставеност на Александар Влахо. Брз и продорен по десната страна, беше асистент на погодокот што го постигна Никола Прелчец.

  1. БЛЕРТОН ШЕЈИ (СТРУГА ТРИМ ЛУМ)

Младиот Шеји игра во стандарно добра форма, квалитетен и продорен по левата страна, даде голем придонес во триумфот на Струга Трим Лум во Струмица.

  1. ОМАР ГОУДИЈАБИ (ПЕЛИСТЕР)

Огромно засилување за Пелистер. Неуморен во средниот ред, со нагласена офанзивност, постигна гол, изнуди пенал, даде неверојатен придонес во триумфот на Пелистер против Ренова.

  1. НИКОЛА ПРЕЛЧЕЦ (РАБОТНИЧКИ)

Искусниот напаѓач го постигна првиот гол во дресот на Работнички. Успеа да ја надмудри одбраната на Силекс и беше најголема опасност по голот на Даниел Божиновски.

  1. МАРЈАН АЛТИПАРМАКОВСКИ (СТРУГА ТРИМ ЛУМ)

Го отвори резултатот за Струга Трим Лум во триумфот против Беласица во Струмица. Одлично се движеше, беше перманентна опасност по голот на струмичани.

ТРЕНЕР НА КОЛОТО: ДИМИТАР КАПИНКОВСКИ (ПЕЛИСТЕР)

Стратегот на Пелистер успеа да постави одличен концепт на играта, офанзивен тимски пристап во кој доаѓаат до израз и индивидуалните квалитети на фудбалерите. Блеснаа Омар Гоудијаби и Дарко Размоски, а Пелустер оствари значаен триумф со директен ривал во битката за опстанок.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови