Connect with us

МАКФУДБАЛ – ТИМ НА 12.КОЛО ВО ПРВАТА ЛИГА!

Македонија Ѓорче Петров не е веќе хит, туку сериозен кандидат кој се впушта во трката за самиот врв и шампионската титула. Составот на Жикица Тасевски продолжува победнички и по репрезентативната пауза и се доближи само на бод до лидерот Шкендија. Ремито во Тетово донесе многу борба и блесок на младиот и суперталентиран Дашмир Елези, Вардар се врати во колосек, а Пелистер и Работнички не можат. Беласица покажува знаци на живот, а Ренова никако да „пркне“. 

МАКФУДБАЛ го издвои најдобриот тим за 12.коло во Првата фудбалска лига. 

1. АРТАН ИЉАЗИ (ШКУПИ)
Досега беше на клупата за резерви на Шкупи, но застана на голот по повредата на Кристијан Наумовски и шансата ја искористи на најдобар начин. Бранеше одлично, влеваше сигурност во дефанзивата на тимот од Чаир, а не можеше да стори речиси ништо кога беше матиран од Елези. 

2. ИЛИРИД АДЕМИ (ШКУПИ)
Да не знае човек на која страна од теренот е подобар, дали во дефанзива или во офанзива. Сигурен во одбранбените задачи, а успеа да постигне израмнувачки погодок за Шкупи, кој се покажа дека е вреден реми и еден бод од жешкиот терен во Тетово.

3. КЛИСМАН ЦАКЕ (СТРУГА ТРИМ ЛУМ)
Модерен одбранбен фудбалер умее да игра со топка и да се придодаде во нападот при секоја можност. Таков е Клисман Цаке и располага со фантастичен удар. Негов специјалитет е шут со надворешно ефе со кој знае да ги изненади голманите. Донесе триумф за стружани на мечот против Ренова.

4. ФЕРНАНДО АУГУСТО (МАКЕДОНИЈА ЃП)
Бразилскиот шарм се познава од далеку. Беше одличен по левата страна во текот на целиот меч, а постигна прекрасен гол. Уште им се врти на дефанзивците на Работнички од неговите „лажњаци“. 

5. ДАРКО МИЦЕВСКИ (ВАРДАР)
Вистински лидер во средниот ред на Вардар, доби многу дуели, подели многу топки, ја доби битката во маневарот во Велес. 

6. БОБИ БОЖИНОВСКИ (МАКЕДОНИЈА ЃП)
Секоја сезона е се подобар и подобар. Годините не му можат ништо, делува како најдобар другар со Златан Ибрахимовиќ. Боби Божиновски го водеше тимот на Македонија ЃП до триумф против Работнички.

7. ЈОВАН ПОПЗЛАТАНОВ (ВАРДАР)
Брз како молња, ја искористи шансата и го реши мечот во Велес. Таму каде што ретко кој успеал да победи, Јован Попзлатанов му овозможи победа на Вардар за кревање на атмосферата и покрај финансиска состојба во најтрофејниот клуб. 

8. АНТОНИО КАЛАНОСКИ (БЕЛАСИЦА)
Беласица не е „веќе испадната“ како што некои мислеа. Вториот триумф за стрмучани го донесе Антонио Каланоски, со хируршки прецизна завршница во самиот финиш од мечот. Сега тимот од стадионот „Младост“ може да размислува за опстанок. 

9. ДАНИЕЛ МИЛОВАНОВИЌ (АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ)
На Академија Пандев премногу и беше потребна победа против Пелистер. Ја најави Даниел Миловановиќ со „бомба“ од 20 метрои, потег кој заслужува да се врти по порталите цел месец. Беше опасен по голот на Пелистер, одигра одличен меч.

10. ДАШМИР ЕЛЕЗИ (ШКЕНДИЈА)
Кое е ова момче, се прашаа сите, а доби шанса да биде стартер за лидерот Шкендија и тоа на дербито против Шкупи. Штотуку наполни 16 години и со двете раце го грабна предизвикот постигнувајќи водечки погодок за Шкендија. Талентот веднаш блесна на прволигашка сцена.

11. ФИЛИП ПЕТРОВ (МАКЕДОНИЈА ЃП)
Неговата брзина e адут кој ги прави немоќни противничките одбрани, проби уште на самиот почеток на мечот со Работнички и постигна водечки гол. Потоа беше многу полесно за Македонија ЃП која игра фантастично и се искачи на втората позиција на табелата. 

ТРЕНЕР НА КОЛОТО: ЖИКИЦА ТАСЕВСКИ (МАКЕДОНИЈА ЃП) 
Македонија ЃП не само што реди победи, туку комплетно доминира над ривалите и постигнува многу голови. И на дуелот против Работнички составот на Жикица Тасевски го одржа „стандардот“ од три постигнати гола по натпревар. Одлична тактичка поставеност, дисциплина во играта, цврста одбрана, креативен и борбен среден ред, офанзивен пристап. Тренерот на Македонија ЃП дефинитивно врши одлична работа.                              

 

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови