Сите сме горди на фудбалската репрезентација на Македонија, се радуваме, ќе навиваме и ќе уживаме во историскиот дебитантски натпревар на Европско првенство. Народот треба да ја живее својата еуфорија, ми се допаѓа што и фудбалерите се оптимисти, ги носат емоциите и посакуваат триумф. Но, мора да останат цврсто на земја и со ладни глави, максимално фокусирани да го одиграат денешниот натпревар против Австрија.
И не се сомневам во тоа, затоа што се професионалци. Верувам дека на тоа ќе влијаат и селекторот Игор Ангеловски и најискусниот, предводникот на оваа генерација, Горан Пандев.
Голем ден е ова за цела Македонија. Сигурно дека веќе се анализирани сите детали на противникот, но исто така и Австријците детално ја имаат скенирано играта на нашата репрезентација.
Прво, би кажал јас како би поставил противигра, доколку сум селектор што предводи тим против Македонија. Доколку го отсечете Горан Пандев, сте завршиле голема работа. Исто така, не треба да им се дозволи на Езгјан Алиоски и на Елиф Елмас да имаат широк простор за да создаваат индивудуални акции. Со ова сакам да ги потенцирам добрите страни на Македонија.
Многу важно, ние имаме квалитетни фудбалери во средниот ред кои се и одлични шутери, Барди, Адеми, Алиоски, Ристовски, Елмас. Горан Пандев е убедливо најдобар во тоа завршно додавање кон голот, да проигра и да исфрли некој од соиграчите во гол – шанса. Дали е тоа Елмас, Трајковски, Адеми, или пак Алиоски и Стефан Ристовски кои знаат одлично да се уфрлат по страничните позиции. Никако не смееме да играме на долги топки кон Пандев.
Ако јас би советувал, потребно е денеска Барди и Адеми да имаат долги изнесувања на топката од нашето поле. Да им помага и Елмас. Брзо да ја донесат топката до Пандев, да создадеме посед и да организираме игра кон противничкиот гол. Алиоски тоа го прави многу добро.
Исто така, многу важно е да се браниме компактно, тоа овој тим знае да го прави многу добро, кога противникот гради позициски напад. Но, не смееме да дозволиме грешка, затоа што Австријците се неверојатно квалитетни во брза транзиција. Исто така, без непотребни фаули во нашето поле, затоа што Австрија е одлична по прекини на игра. Калајџиќ и Арнаутовиќ се високи, корпулентни, напаѓачи со мангупски стил. Можат да „украдат“ гол и од најмала можна позиција.
Мора да се затвори и Сабицер, а на првиот меч во Скопје, на Австријците им дозволивме и премногу лесно да доаѓаат до нашиот шеснаесетник. Тоа не смееме сег да го дозволиме. Мора да бидеме густи, да ја напаѓаме топката, но и да го чуваме просторот. Да не им се дозволи ни најмала шанса за да пробијат и да развијат игра. Во таква позиција, Австрија е многу опасна.
На крајот, ќе мораме и тркачки да одговориме. Австрија е составена од фудбалери од Бундес – лигата кои диктираат силно темпо во текот на целиот меч. Не смееме да попуштиме во темпото и треба секоја нивна грешка најбрзо што можеме да ја искористиме. Австрија не дозволува шутеви кон нејзиниот гол, по загубена топка веднаш следи агресивна реакција или прекин на играта. Затоа, да ги искористиме при секоја можност нашите добри шутери. Умеат да шутнат добро и Барди, Адеми, Елмас, Алиоски, Трајковски, Ристовски, и тоа треба да го искористиме.
Мирна глава, фокус, концентација во текот на целиот меч и срце на терен. Фудбалерите знаат дека ја имаат поддршката од цела Македонија.
Напред Македонија!
-
Ексклузивна колумна на Филип Лам: Хомогеноста на Шпанија против непредвидливите Германци
Осум селекции сѐ уште остануваат, но сите дваесет и четири нации придонесоа за успехот...
Автор makfudbal
-
(ИН)ДИРЕКТ: Време е за ново „правило“: Ако не минеш две кола во Европа, следните три години „не смееш“ да играш!
Македонските фудбалски туристи се прошетаа низ Европа, добро, низ споредните државички кои се далеку...
Автор Nikola Gjurovski