Англискиот премиерлигаш Ливерпул вечерва (21 часот) ја пречекува сензацијата Вилјареал во првиот натпревар од полуфиналето на Лигата на шампионите. Предвидувањата се дека тимот на Јирген Клоп лесно ќе обезбеди пласман во финалето, но Вилјареал секако има други планови.
„Жолтата подморница“ се покажа како убиец на гигантите и веќе им го зеде скалпот на Јувентус и на Баерн Минхен.
Против германскиот првак, избраниците на Унаи Емери покажаа дека можат да играат доминантен фудбал и заслужија да победат повеќе од 1-0 на својот „Естадио де ла Керамика“. Шпанците во реваншот ладнокрвно се бранеа и трпеливо го чекаа моментот кога со смртоносна контра ќе го соборат на плеќи минхенскиот гигант.
Ливерпул имаше полесна задача против Бенфика. „Црвените“ во голема мера ги решија работите во своја полза уште во Лисабон, откако победија со 3-1. Во реваншот Клоп си дозволи делумно да ги сочува стартерите и натпреварот заврши 3-3. На овој начин тимот продолжува да има реални шанси да ја заврши сезоната со четири трофеи.
Во текот на викендот, Ливерпул се соочи со градскиот ривал Евертон во натпревар во кој немаше право на грешка. Џокерот Дивок Ориги влезе од клупата и уште еднаш придонесе за победа. Тимот на Клоп заостанува само еден бод зад Манчестер Сити во трката за титулата и мора да ги победи сите преостанати натпревари, но истото важи и за „граѓаните“.
Роберто Фирмино е под знак прашалник за Ливерпул, но и да беше во оптимална кондиција, Бразилецот тешко дека би бил стартер. Нападот ќе го предводат Мохамед Салах, Садио Мане и Луис Дијаз, а на клупата ќе останат Дивок Ориги и Диого Жота. Во центарот на одбраната, Вирџил ван Дајк ќе биде партнер со Ибрахима Конате, кој постигна гол во двете четвртфинални пресметки со Бенфика. Триото на средината на теренот најверојатно ќе биде Џордан Хендерсон, Фабињо и Тијаго Алкантара.
Вилјареал ќе пристигне без поранешниот дефанзивец на Ливерпул, Алберто Морено, а најверојатно ќе недостасува и Жерар Морено. Единствената дилема на Унаи Емери е кој да започне покрај Арно Данџума во нападот и веројатно ќе се реши за Чукуезе.
-
МАКФУДБАЛ ТИМ НА ПОЛУСЕЗОНАТА
Силекс заврши на врвот по првиот дел од сезоната во Првата лига, благодарејќи на...
Автор makfudbal
-
МАКФУДБАЛ ИГРАЧ на полусезоната: Али Регба (Работнички)
Работнички е најпријатното изненадување на првиот дел од сезоната во Првата фудбалска лига. „Романтичарите“...
Автор makfudbal