
Тренерот на Наполи, Антонио Конте, тешко го прифати поразот со 2-6 од ПСВ Ајндховен во Лигата на шампионите. Ова беше првпат тим предводен од него да прими шест голови на еден натпревар.
Сепак, стратегот истакна дека тимот не треба да очајува по ваквиот резултат, туку да гледа напред.
„Секако дека има разочарување, но ваквите ситуации никогаш не се случајни. Мора да реагираме правилно и да извлечеме максимум од тоа што се случи, за да го смениме курсот. Минатата сезона го освоивме Скудетото на исклучителен, неверојатен начин, со малку играчи, каде секој го надмина својот максимум. Имавме извонредно единство и цврстина. Неизбежно, кога играте во Европа и додавате многу нови фудбалери – кои, според мене, беа премногу, бидејќи девет нови лица во една соблекувална не се малку – тоа носи последици. Бевме принудени да го направиме тоа“, изјави Конте.
Наполи моментно се соочува со криза поради бројни повреди, а надвор од строј се Расмус Хојлунд, Станислав Лоботка, Амир Рахмани и Ромелу Лукаку. Но, и покрај тоа, никој не очекуваше тимот да има толку сериозни проблеми.
„Ова е нивото. Ова е нивото на Лигата на шампионите. Не можеме да се жалиме. Имаме многу работа пред нас, но знаеме дека оваа сезона ќе биде вистинска борба и мора да бидеме подготвени да ги дадеме тие напори. Ги гледам овие играчи секој ден, и кога се обидувам да ги смирам работите, тоа не е затоа што барам изговори, туку затоа што гледам дека ова ќе биде комплексна сезона. Не треба да очајуваме – сите мораме да се обидеме да ја вратиме хемијата што ја имавме минатата сезона, иако сега имаме девет нови играчи. Потребно е време за да се создаде тој спој“, додаде италијанскиот стратег.
Наполи загуби четири од последните седум официјални натпревари, примајќи 15 голови и постигнувајќи 10, без ниту една „сува мрежа“ од 30 август наваму.
„Кога реков дека ова е нивото, не мислев дека тоа е оправдување. Бевме принудени да излеземе на пазарот, бидејќи минатата сезона имавме ограничен состав кој направи неверојатни работи за да го освои Скудетото. Сега додадовме девет нови играчи – потребни се време и трпение. Старата гарда, која направи подвиг минатата сезона, мора повторно да се издигне и да се предизвика себеси, а тоа важи и за мене. Ова е процес на изградба на вториот циклус – сите заедно го направивме тоа, затоа сите мораме да ја преземеме одговорноста. Јас го прифаќам мојот дел, но кога од предсезоната велев дека ќе биде тешко, не барав алиби или не бев незадоволен – само бев искрен. Знам дека моето име често се користи за создавање полемики, но јас се обидувам да бидам чесен и да си ја вршам работата најдобро што можам. Мораме повторно да ја пронајдеме физичката и менталната енергија што ни овозможи минатата сезона да направиме нешто извонредно, а во исто време да им помогнеме на новите играчи да се вклопат во системот – не само на теренот, туку и во соблекувалната“, заврши Конте.

-
МАКФУДБАЛ ТИМ НА КОЛОТО ВО ПРВАТА ЛИГА
Струга Трим Лум го задржа врвот на табелата по деветтото коло откако одигра 2-2...
Автор makfudbal
-
МАКФУДБАЛ ТРЕНЕР на колото: Бобан Грнчаров (Македонија ЃП)
Македонија ЃП оствари убедлив триумф над Арсими (4-1) и се придвижи кон средишниот дел...
Автор makfudbal
