Connect with us

Кој ќе го освои пехарот? Англичаните чекаат 55 години, „аѕурите“ прикажаа најубав фудбал

Италија и Англија од 21 часот ќе го играат финалето на Европското првенство на „Вембли“. Англичаните се во потрага по својот прв трофеј од 1966 година кога го освоија Светското првенство на домашен терен. Ова финале се игра на истото место, но на нов стадион каде ќе има околу 68.000, претежно англиски навивачи. Италијанците добија нешто помалку од 8.000 билети за навивачите кои живеат во Англија или Ирска, а уште 1.000 навивачи можат да дојдат од Италија само со негативен ПЦР – тест.


Англија ги победи Германија со 2-0, Украина со 4-0 и Данска со 2-1 по продолженија до финалето, а погодокот од слободен удар на Дамсгард на тој натпревар беше единствениот што го прими тимот на Саутгејт на овој турнир.


„Финалето е поинаков тактички предизвик, сега и ние треба правилно да се подготвиме. Ние го почитуваме противникот, италијанските играчи се фантастични, имаат добар тактички план, имаат искусен селектор и се во неверојатна серија. Но, ние имаме свои адути. Ако започнеме да размислуваме за трофејот прерано, сето тоа може да заврши лошо “, вели Герет Саутгејт пред финалето.


Италија го одигра најдобриот фудбал на ова ЕВРО, и до финалето ја победи Австрија со 2-1 по продолженија, Белгија со идентичен резултат, а во полуфиналето ја победи Шпанија по изведување пенали.


„Ние мора да останеме смирени. Ќе биде тешко, има многу причини за тоа, но мора да бидеме сконцентрирани на нашиот фудбал и да бидеме свесни дека ова е последната пречка. Ние сакаме да уживаме во тие 90 минути. Англичаните отсекогаш имале добри тимови, а последните години ја немале среќата како придружник. Вечерва ќе биде голема пресметка на полн стадион, и тоа е нешто прекрасно за секој што го сака фудбалот. Свесни сме за квалитетот на противникот и ќе видиме што ќе се случи. Не можете да стигнете до финалето ако вашата селекција е лоша“, вели Роберто Манчини.


Италијанците ќе бидат без Леонардо Спинацола, кој се повреди на мечот со Белгија, додека кај Англичаните е доведен во прашање настапот на Фил Фоден. Судијата на натпреварот ќе биде Бјорн Куиперс.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови