Connect with us

Кој има најмногу шанси за титулата во Македонија? Шкупи прв фаворит, пред актуелниот првак Шкендија

Новата сезона во Првата фудбалска лига е на прагот. Без спектакуларни трансфери, со многу проблеми, но и промени во своите тимови, македонските прволигаши ќе ја стартуваат трката. Две екипи, реално, имаат шампионски амбиции – сите останати прво сакаат да обезбедат опстанок, па потоа ќе размислуваат за излез во Европа, ако им се укаже шанса за тоа.


МАКФУДБАЛ процентуално ги предвидува шансите на прволигашките клубови за освојуавање на титулата. Прв фаворит, согласно трансфер маркетот ова лето, но и клупската стабилност, организацијата и амбициите, е Шкупи, за нијанса пред актуелниот првак Шкендија, кој е разнишан по очајните настапи на меѓународна сцена.
Пелистер има најмали шанси за успех, со оглед дека пред само неколку дена почна да го формира составот за новото првенство и ќе се бори да обезбеди опстанок, заедно со Тиквеш, Скопје, Борец и Ренова.

ШКУПИ 60%
Гоце Седлоски доведе голем број нови фудбалери во тимот. Неговата стратегија е слична како и претходно во Вардар, да се засилиме ние, но и да ги ослабиме останатите. Тимот ќе треба добро да се воигра, можеби и понатаму недостига класичен и брутален реализатор, но Шкупи има повеќе од широк ростер за да биде прв фаворит за титулата во Првата фудбалска лига.

ШКЕНДИЈА 55%
Без речиси никакви промени во играчкиот кадар, но затоа има смена на тренерската позиција. Ернест Ѓока замина по очајните настапи во Европа, а во Тетово се врати Бруно Акраповиќ. Има одредено искуство во македонскиот фудбал, но сега е се поинаку, Шкупи е главниот конкурент, а Вардар е второлигаш. Арменд Алими и Бесарт Ибраими се една година повозрасни и се чини се повеќе истрошени, а Шкендија не успеа да пронајде соодветни замени како носители на играта на тимот. Токму затоа, оваа сезона е за нијанса зад Шкупи, како фаворит за освојување на титулата.

МАКЕДОНИЈА ЃП 35%
Во Ѓорче Петров беше раздвижено. Александар Таневски се врати на клупата пред крајот на минатата сезона, а Македонија ЃП има релативно квалитетен кадар, но само за да се обиде да се избори за една од позициите зад најдобрите. Во Ѓорче Петров тешко се освојуваат бодови, а „лавовите“ редовно знаат да изненадат со некое странско засилување во нападот и да бидат тука, веднаш зад врвот.

АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ 35%
Голема реконструкција направи сопственикот Горан Пандев, а според желбите на тренерот Александар Васоски. Сега Академија Пандев ќе биде на бразилски погон, заминаа Радески и Крстовски кои беа предводници минатата сезона. Амбициите се многу поголеми, да се обезбеди место во Европа, но ќе видиме како струмичани ќе ги склопат коцките.

РАБОТНИЧКИ 35%
Многу промени и во Работнички. Заминаа неколкумина, дојдоа освежувања, а главната сила на „романтичарите“ е младоста и полетноста. Можеби недостига малку повеќе искуство за поголеми дострели, но Александар Влахо има задача сето тоа добро да го вкомпонира и да бележи успешни резултати. Има промени во одбраната, многу се очекува од Дејан Тантуровски во офанзивниот дел, заедно со Марио Станковски и со новиот капитен, Кристијан Стојкоски. Но, за битка за титулата, на Работнички му недостига многу поширок ростер и секако, квалитетни странски засилувања.

СТРУГА ТРИМ ЛУМ 30%
Стружани изненадија пријатно минатата сезона, успеаја да стигнат до третото место и да играат во Европа, но таму нема импровизации, па добија лекција дека треба уште многу да работат. Но, сепак, раководството не го надгради тимот на Срѓан Захариевски. Со таква поставеност на работите, Струга Трим Лум сака да обезбеди сигурен опстанок и место во ’златата средина’ на табелата.

БРЕГАЛНИЦА 30%
Штип е во еуфорија. Брегалница надмоќно го освои првото место во Втората лига Исток, но тоа ниту од далеку не е исто како и прволигашката сцена. Сега тимот на Марјан Секулоски ќе мора да покаже една сосема друга димензија. Даниел Мојсов и Марјан Алтипармаковски се квалитетни засилувања, доведени се и странци на одредени позиции, а најголема сила на штипјани сепак треба да биде еуфоријата и публиката во Штип. Таму на никого нема да му биде лесно да освои бодови, а клубот полека се зацврстува со квалитетна организација од раководната структура.

РЕНОВА 25%
Ќатип Османи и оваа сезона ќе има многу работа да се избори со Ренова за опстанок. Минатата за влакно „гипсарите“ се спасија од испаѓање во баражот, оваа се надеваат дека нема да дозволат да влезат во таков вртлог. За повеќе од тоа, реално, Ренова нема некој посебен квалитет. Засилувањата се во рамките на македонскиот просек, без маркантно име кое може да вети нешто повеќе.

БОРЕЦ 25%
Многу промени и во Борец. Тренерот Борче Христов ќе има мака сето тоа да го вкомпонира, а сега пред велешани е цела сезона да докажат дека можат да бидат конкурентни и за нешто повеќе од опстанок. Но, прашање е дали има квалитет во ростерот за такво достигнување.

СКОПЈЕ 25%
Новиот прволигаш доведе неколку прволигашки играчи, но во глобала Љупчо Марковски ќе се потпре на тимот кој лани беше првопласиран во Втората лига Запад. на „Автокоманда“ тешко се освојуваат бодови, но и на Скопје ќе му биде сериозно тешко да се трансформира и да покаже многу повеќе во елитата. Сигурно дека првата цел е да се обезбеди опстанок.

ТИКВЕШ 25%
Еуфорија и во Кавадарци. Цел град го славеше враќањето на прволигашка сцена по речиси две децении, но сега Пане Блажевски и момците ќе треба да покажат дека има Тиквеш квалитет и да обезбеди опстанок. Слично како и во Штип, и во Кавадарци ќе биде ’жешко’ да се игра фудбал оваа сезона, но на теренот треба да се покаже и нешто повеќе од само желба и извици од трибините.

ПЕЛИСТЕР 20%
Битолскиот прволигаш е во најнезавидна позиција од сите. Замина речиси целиот тим од минатата сезона, останаа само неколкумина и тренерот Димитар Капинковски, кој сега во од формира состав, претежно од фудбалери кои не успеале да пронајдат ангажан кај останатите прволигаши. Така тешко може да се стори нешто повеќе, но ако се знае какво лето мина Пелистер, добро е што воопшто ќе се натпреварува во Првата лига, а никој не може да се осмели да го избрише од трката за опстанок. Сепак, Пелистер има најмали шанси од сите да се надева за титулата, некои скромни 20%.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови