Connect with us

Емери: Мојата цел е да освојам трофеј со Астон Вила

Новиот менаџер на Астон Вила, Унаи Емери, изјави дека неговиот сон е да освои трофеј со клубот од Бирмингем, и да ги врати во европските натпреварувања.


Емери ќе дебитира на клупата на Астон Вила на натпреварот против Манчестер Јунајтед на „Вила Парк“ в недела. Ова ќе биде вторпат за 51-годишниот шпански тренер да работи во Премиер – лигата, откако беше тренер на Арсенал од мај 2018 до ноември 2019 година.

„Мојот сон е да освојам трофеј со Астон Вила. Тоа е мојот предизвик на почетокот. Мојот втор сон и цел е да играм во Европа со тимот”, изјави Емери.

Во 2019 година го предводеше Арсенал до финалето на Лига Европа, во кое неговиот тим загуби со 4-1 од Челси. Арсенал потоа не успеа да се квалификува за Лигата на шампионите, бидејќи заврши на петтото место во Премиер – лигата.

Емери беше отпуштен по 18 месеци по низата лоши резултати. Имаше успех како тренер на Севилја, со која освои три последователни титули во Лига Европа од 2014 до 2016 година. По заминувањето од Арсенал, тој го предводеше Вилјареал до нивниот прв европски трофеј, победувајќи на пенали 11-10 против Манчестер Јунајтед во финалето на Лига Европа во 2021 година.

Тој се надева дека тоа искуство може да и помогне на Астон Вила, која нема освоено трофеј од триумфот во Лига купот во 1996 година.

„Сум играл против многу светски тимови. За мене англиските тимови се најголемиот предизвик. Премиер лигата сега е можеби првата лига во светот. Секој тим ви носи искуство, научив многу од англиските тимови 15 последователни години за играње во Европа. Среќен сум што сум овде. Решив да дојдам затоа што ова е одличен проект, а нашата цел е чекор по чекор да бидеме подобри. Сакам да се подобрувам, да помогнам со моето искуство“, изјави Емери.

Сега му претстојат два последовни натпревари против Манчестер Јунајтед, в недела во Премиер – лигата и во четврток на „Олд Трафорд“ во третото коло од Лига купот.

„Мораме да размислуваме само за секој следен натпревар бидејќи не сме во добра позиција на табелата. Секој натпревар ќе ни даде многу податоци за играчите, сакам да ги тестирам индивидуално и колективно. Следниот натпревар е во фокусот “, заклучи Емери.
Астон Вила е 16-та на табелата со бод над зоната за испаѓање, а на 13 натпревари сезонава има само три победи.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови