Connect with us

Брера и Силекс понудија спектакл со шест гола и поделија по бод

Во вистински трилер со шест голови, Брера Струмица и Силекс одиграа возбудливо реми (3-3) во 12. коло од Првата македонска фудбалска лига. Иако двете екипи прикажаа офанзивен фудбал, бодот повеќе ќе му значи на тимот од Струмица во борбата за опстанок, додека Силекс полека го губи чекорот со водечките, откако запиша само две победи во последните шест кола.

Гостите од Кратово го отворија мечот со силен притисок. Веќе во 13. минута Алиќ ја имаше првата шанса, но младиот голман Илоски беше сигурен. Неколку минути подоцна, и Хрвановиќ се закани, но биеше крај дирекот. Илоски уште еднаш блесна со одлична интервенција, бранејќи зицер на Хрвановиќ, но во следниот напад немаше спас – по прекршок на Тодоров врз Алиќ во шеснаесетникот, судијата покажа на белата точка, а Мартин Мирчевски беше прецизен за водство од 0-1.

Силекс имаше можност да го удвои резултатот, но Илоски повторно реагираше одлично. Казната стигна пред полувремето, кога капитенот Филип Михаилов по маестрално додавање со петица од Нзенге, од околу 16 метри стрелаше прецизно за 1-1.

На стартот на вториот дел, Силекс експлодираше. Во само три минути даде два гола – прво Донов со убав удар од далечина погоди за 1-2, а потоа Мигел Пиреш, по одбранета топка од Илоски, беше најбрз во реакцијата и зголеми на 1-3.

Кога се чинеше дека Силекс го има мечот во раце, Брера се разбуди. Во 63. минута, по голема мешаница во казнениот простор, Лука Луковиќ ја врати надежта со гол за 2-3, а само седум минути подоцна катастрофална грешка на Бутуровиќ му овозможи на Михаилов повторно да погоди и да израмни на 3-3.

По ова реми, Силекс останува на четвртата позиција и во последното коло пред репрезентативната пауза ќе се соочи со Шкупи. Брера Струмица, пак, е шеста на табелата и во следното коло гостува кај Пелистер во Битола.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови