Connect with us

Борец фрли сол на раните на Шкендија, Академија Пандев го совлада Работнички

Шампионот Шкендија е на дното, а кризата е продлабочена со денешниот пораз (1-0) на гостувањето кај новиот прволигаш Борец во Велес. Тимот на Ќатип Османи е непрепознатлив, но затоа Академија Пандев игра одлично, го победи Работнички со 1-2 во Скопје и се зацврсти на првата позиција на табелата со 10 бода по четири одиграни кола. 

Македонија ЃП славеше со 3-4 на гостувањето против Силекс во Кратово, а Струга Трим Лум и Шкупи ремизираа 1-1 во меч со три црвени картони. 

Борец приреди голема сензација со триумфот над шампионот Шкендија (1-0). Бесарт Ибраими не реализира пенал во 19.минута, а Никола Прелчец во 80.минута ги нокаутира гостите во Велес. 

Академија Пандев уште во првата минута поведе со 0-1 на арената „Тодор Проески“ со голот на Сашко Пандев од работ на шеснаесетникот, а по големата грешка на голманот Дамјан Шишковски. Работнички израмни пред крајот на првиот дел преку Николче Шаркоски кој погоди од 30 метри, но Марио Крстовски со волеј удар во 78.минута му донесе триумф на гостинскиот тим. 

Во Кратово, триумф на Македонија ЃП од 3-4. „Лавовите“ поведоа со 0-2, со головите на Фернандо Родригез и на Демир во првото полувреме. Ристов од пенал и Тимовски израмнија на 2-2 до 60.минута, но потоа повторно следеа два гола на Македонија ЃП преку Да Силва и Боби Божиновски. Конечниот епилог го постави Костовски, а бодовите отпатуваа за Ѓорче Петров.  

Во Струга, три црвени картони, два за домашниот тим, еден за Шкупи и конечен епилог, 1-1. Поведе Шкупи со голот на Серџо јуниор во 67.минута, а Струга Трим Лум израмни преку Јахја седум минути подоцна.                 

Утре се игра последниот меч од ова коло, Ренова го пречекува Вардар.          

ПРВА ЛИГА, 4. КОЛО – РЕЗУЛТАТИ

РАБОТНИЧКИ – АКАДЕМИЈА ПАНДЕВ 1-2

БОРЕЦ – ШКЕНДИЈА 1-0

СТРУГА ТРИМ ЛУМ – ШКУПИ 1-1

СИЛЕКС – МАКЕДОНИЈА ЃП 3-4

УТРЕ: РЕНОВА – ВАРДАР

Табела: Академија Пандев 10, Македонија ЃП 8, Ренова 7 (-1), Струга ТЛ 7, Шкупи 5, Вардар 4 (-1), Борец 4, Силекс 3, Работнички 3, Шкендија 1.   

 

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови