Connect with us

Аморим се шегува: Челниците ми понудија нов договор

Менџерот на Манчестер Јунајтед, Рубен Аморим, инсистира дека и понатаму ја има поддршката од Џим Ретклиф, отфрлајќи ги информациите дека посетата на сопственикот на клубот во тренинг-базата во вторникот била нешто повеќе од работна средба.

Португалскиот тренер со тимот има една победа од четири натпревари во Премиер-лигата, а неговата екипа беше елиминирана од Лига купот од четвртолигашот Гримзби. Шпекулациите во медиумите велат дека трпението на сопствениците кон менаџерот веќе е при крај пред мечот со Челси на „Олд Трафорд“ во недела.

„Ретклиф ми понуди нов договор“, се пошегува Аморим со новинарите. „Не, нормални работи, покажа поддршка, објасни дека ова е долгорочен проект“, додаде стратегот. „Нормални работи, разговарав со него, со Омар (заб. – извршниот директор Берада), со Џејсон (заб. – спортскиот директор Вилкокс), се обидувавме да разгледаме сè околу тимот“, изјави тој.

Аморим потврди дека Матеус Куња и Мејсон Маунт ќе се вратат во составот за натпреварот во недела. Јунајтед е на 14. место на табелата, додека Челси е петти. Португалецот е свесен дека резултатите мора да се подобрат.

„Ова е фудбал и можеби ова е клубот со најголем притисок во светот. Ние сакаме да победуваме. Минатата година бев многу критичен кон начинот на кој игравме, но сега мислам дека играме многу добро до шеснаесетникот – и во одбрана и во напад. Треба да бидеме поагресивни во шеснаесетникот, поефикасни“, смета тренерот.

Тој верува дека тимот напредува, иако резултатите засега не го покажуваат тоа.


„Мислам дека се подобруваме и сме на подобро ниво од минатата година. Но, ни требаат победи. Изгубивме од Арсенал и од Сити. Но, да губиме дома на почетокот на сезоната, особено по минатата година, е проблем“, заврши Рубен Аморим.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови