Connect with us

Градска пресметка меѓу Работнички и Вардар на Арената, домашни предизвици за Струга ТЛ и за Шкендија

Работнички е домаќин на Вардар на Националната арена „Тодор Проески“ во најинтересниот меч од денешата програма во 27.коло од Првата фудбалска лига. По подолг период овие два тима ќе се сретнат на нашиот најголем стадион, а пресметката е многу важна, со оглед дека и Работнички и Вардар се во котелот за опстанок во елитата.

Капитенот на „романтичарите“, Егзон Белица, вели дека Работнички е фокусиран на освојување на трите бода, иако оваа сезона не може да се пофали со успешни резултати против Вардар.

„Првенството влезе во завршна фаза и секој бод и секој натпревар е екстремно важен. Нашата цел е што побрзо да обезбедиме сигурен опстанок и посветени сме на тоа. Нѐ очекува тежок натпревар со Вардар, но ние веруваме во нашиот квалитет и ќе дадеме сѐ од себе да ги освоиме бодовите. Се надевам дека гледачите ќе уживаат во добар натпревар, а ние на крајот ќе се радуваме“, изјави Егзон Белица.

Струга Трим Лум на домашен терен ја пречекува Брегалница и посакува триумф за повторно да се одлепи на врвот од Шкупи. Меџит Незири верува дека стружани ќе ја завршат добро задачата.

„Првенството е многу изедначено и доста интересно, а влегуваме во завршната фаза. На секој тим му требаат бодови, дали за опстанок, за Европа, па дури и за шампионска титула. Сите знаеме дека титулата не се освојува лесно, па свесни сме дека нема да биде лесно, но ќе се бориме за неа до последен здив и се надеваме дека ќе бидеме тие што ќе уживаат во титулата“, истакна Незири.

Шкендија на домашен терен во Тетово ќе се сретне со Силекс.

„Имавме неколку грешки во досегашниот тек од првенството и веќе не смееме да си дозволиме. Имаме сѐ уште шанси, имаме квалитетен тим, веруваме во нашите способности. Ќе сториме сѐ за да оствариме триумф, да освоиме три бода и да ја продолжиме битката за титулата.

Вчера се одиграа три натпревари од 27.коло и победи славеа домаќините. Шкупи ја победи Македонија ЃП со 3-1, Брера ја совлада Воска Спорт со 1-0, а Гостивар славеше против Тиквеш со 2-1.

ПРВА ЛИГА, 27. КОЛО (денеска, 15 часот)

РАБОТНИЧКИ – ВАРДАР

СТРУГА ТЛ – БРЕГАЛНИЦА

ШКЕНДИЈА – СИЛЕКС

ШКУПИ – МАКЕДОНИЈА ЃП 3-1

БРЕРА – ВОСКА СПОРТ 1-0

ГОСТИВАР – ТИКВЕШ 2-1

Standings provided by Sofascore

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови