Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, ќе се повлече од функцијата во 2027 година, по истекот на тековниот мандат. Оваа вест изненадувачки одекна во фудбалскиот свет, посебно затоа што имаше други најави претходно, а ги истакна Звонимир Бобан кој поради тоа и се повлече од советничката функција на Чеферин.
На Конгресот беа ратификувани и нови членови на Извршниот комитет на УЕФА, двајца претставници на ЕКА, Насер Ал-Келаифи (Пари Сен Жермен) и Мигел Анхел Гил Марин (Атлетико Мадрид). Тие добија мандат од четири години, додека Педро Проенца (Португалска лига) доби мандат од една година како претставник на Европската лига.
Откако се спушти завесата на 48. Конгрес на УЕФА, почнаа шпекулациите за името на наследникот на Чеферин. Оние кои ја следат работата на УЕФА се убедени дека нема да има многу дилеми по ова прашање, односно дека веќе е јасно кој ќе го наследи Словенецот на чело на европскиот фудбал.
Станува збор за човекот кој вчера доби четиригодишен мандат во Извршниот комитет, Насер Ал-Келаифи. Првиот човек на ПСЖ и на ЕКА со години е еден од најблиските соработници на актуелниот претседател, а со оглед дека Чеферин и денес има огромна поддршка, и дека за три години ќе биде тешко да се смени нешто, најавите дека „Катарецот“ ќе го преземе европскиот фудбал имаат своја тежина.
Ако ова се оствари, а можностите се навистина огромни, за првпат во историјата на УЕФА на чело ќе застане човек кој не е од Европа. Данецот Ебе Шварц беше избран за прв претседател на УЕФА во далечната 1954 година. Речиси осум години беше на чело на европскиот фудбал.
Него во 1962 година го наследи Швајцарецот Густав Видеркер, кој почина на 7 јули на функцијата претседател на УЕФА во 1972 година. До следниот Конгрес, кој се одржа во март 1973 година, претседател беше Унгарецот Шандор Барч, а на 15 март 1973 година УЕФА го избра Италијанецот Артемио Фрачи за прв човек на европскиот фудбал.
Десет години подоцна на чело на УЕФА дојде Жак Жорж од Франција, а во 1990 година Конгресот го избра Ленард Јохансон за претседател, кој беше на чело на европската куќа на фудбалот 16 години и 282 дена.
На почетокот на 2007 година, односно на 26 јануари, европскиот фудбал доби нов лидер, а тоа беше легендарниот француски фудбалер Мишел Платини, чиј мандат траеше до 8 октомври 2015 година, кога беше суспендиран од оваа функција.
Улогата на претседател до новиот Конгрес, кој се одржа на 14 септември, ја имаше Шпанецот Ангел Марија Вилјар. На тој Конгрес за прв човек на европската куќа на фудбалот е избран Александар Чеферин.
-
МАКФУДБАЛ ТИМ НА ПОЛУСЕЗОНАТА
Силекс заврши на врвот по првиот дел од сезоната во Првата лига, благодарејќи на...
Автор makfudbal
-
МАКФУДБАЛ ИГРАЧ на полусезоната: Али Регба (Работнички)
Работнички е најпријатното изненадување на првиот дел од сезоната во Првата фудбалска лига. „Романтичарите“...
Автор makfudbal