Connect with us

Стефан Деспотовски: Имаме квалитет, но треба да го покажеме

Младата фудбалска репрезентација на Македонија до 21 година денеска во Јенчепинг ќе го има официјалниот тренинг пред утрешниот прв меч од квалификациите за пласман на ЕП во Словачка 2025 година. Во рамките на првото коло од групата Ц, репрезентацијата на Македонија предводена од селекторот Драги Канатларовски утре ќе игра против Шведска. Натпреварот од квалификациите е закажан за 18 часот.

Фудбалерот на Работнички и член на репрезентацијата на Македонија, Стефан Деспотовски, ги сподели своите очекувања пред самиот старт на квалификациите.

„Одигравме многу натпревари заедно во подготвителниот период. Имавме простор и време да се запознаеме многу подобро меѓусебно. Го искористивме овој период максимално за да се подобриме, во континуитет растеме и напредуваме и на тактички и на технички план. Подготвени сме за предизвиците што не очекуваат на самиот старт од квалификациите. Долго време го очекувавме и напорно се подготвувавме за овој момент. Сега е време да покажеме на овие квалификации дека поседуваме голем квалитет“, изјави Деспотовски.

На стартот, прв ривaл е селекцијата на Шведска.

„Очекувањата се големи, сакаме да одиграме добри квалификации и да обезбедиме добар пласман. Сигурен сум дека секој од нас ќе го даде максимумот, за да ги оствариме зацртаните цели. Сите заедно ќе се бориме до крај за да оствариме голем успех. На самиот старт од квалификациите играме со многу силни селекции. Добро ги знаеме нашите предности и ќе гледаме да ги искористиме на најдобар можен начин, верувам дека тоа е единствениот начин за остварување на позитивен резултат. Одиме чекор по чекор, моментално сме фокусирани на првиот меч и дуелот со Шведска. Имаме репрезентација која може да им парира на насилните европски селекции. Има одлична атмосфера, комуникација и поддршка помеѓу нас фудбалерите, се тоа што е потребно за создавање на победнички менталитет. Сакам да ја нагласам и одличната соработка што ја имаме со селекторот и неговиот стручен тим. Ги слушаме нивните совети, кои се добронамерни и кои може само да ни помогнат да станеме подобра и поквалитетна репрезентација“, истакна Стефан Деспотовски.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови