Connect with us

Инзаги: Му благодариме на Лукаку, но многу нѐ разочара

Тренерот на Интер, Симоне Инзаги, зборуваше за Ромелу Лукаку во пресрет на вечерашниот натпревар од првото коло во Серија А против Монца. Да потсетиме, Лукаку минатата сезона ја мина во Интер како позајмен од Челси, но поради повреди не можеше да влезе во форма и сериозно да му помогне на клубот.

Италијанските медиуми пренесуваат дека врската меѓу белгискиот напаѓач и Интер пропаднала кога било откриено дека Лукаку добил понуди од други клубови, иако Интер се надеваше дека ќе го купи од Челси.

„Му благодарам на Лукаку за сѐ што ни даде минатата сезона. Сакав да го задржам, но тој донесе поинаква одлука. Разочаран сум како сето тоа заврши бидејќи семејството Интер убаво го прими“, изјави Инзаги. „Летниот преоден рок е комплициран за речиси сите. Ги загубивме некои од најдобрите играчи во Италија, но донесовме ветувачки замени кои ќе ни помогнат. Сменивме многу играчи, некои со намера, а некои си заминаа по своја волја“, изјави Инзаги, кој летово остана без Марсело Брозовиќ, голманите Андреа Онана и Самир Хандановиќ, стоперот Милан Шкриниар и Ромелу Лукаку.

Легендарниот капитен на Интер и актуелен потпретседател Хавиер Занети зборуваше за Лукаку на почетокот на август.

„Со оглед на тоа што му го даде Интер, очекувавме да се однесува поинаку, како професионалец и човек. Тој има право да оди каде што сака, но можеше да ни каже порано. Никој не е поголем од клубот. Кога ќе изградите тим, треба да размислите кого ќе внесете во соблекувалната“, рече Занети. Лукаку е под договор со Челси до 2026 година, но и тој клуб не го сака, па белгиската ѕвезда е во потрага по друга средина.

Минатата сезона постигна 14 гола со седум асистенции на 37 настапи, но тоа е далеку од сезоната 2020/21 кога го предводеше Интер до шампионската титула во Италија со 30 гола и десет асистенции.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови