Connect with us

Пораз (2-1) од Австрија во Виена на подмладената Македонија

Подмладената и десеткувана репрезентација на Македонија доживеа пораз од Австрија (2-1) во претпоследниот натпревар од квалификациите за ЕВРО 2020. Давид Алаба во осмата минута и Штефан Лајнер во 48.минута беа стрелци на головите за Австрија на овој меч. Македонија постигна почесен погодок преку дебитантот Влатко Стојановски во завршните моменти од мечот, а претходно тој пропушти уште две убави шанси.

Без Пандев, Алиоски, Муслиу, Адеми, Несторовски, Николов, Тричковски, а со тројца дебитанти, Марио Младеновски, Тихомир Костадинов, Влатко Стојановски и со Кристијан Тошевски и Ѓоко Зајков, кои заиграа по подолг период, Македонија објективно и не можеше да се спротивстави на Австрија која со овој триумф се пласира на Европското првенство. 

Австријците поведоа во осмата минута со голот на Давид Алаба. По неуспешната офсајд замка тој излезе сам пред Столе Димитриевски и реализираше. Шанси имаа и Хинтерегер и Арнаутовиќ, но Македонија замина на полувреме со минимална негатива. 

На почетокот на второто полувреме Столе Димитриевски одлично го одбрани силниот шут на Марсел Сабицер во 47.минута, но не можеше ништо вече по корнерот, кога Штефан Лајнер го зголеми водството на Австрија на 2-0. 

Енис Барди во 50.минута шутираше директно од корнер, а голманот на Австрија, Александер Шлагер, едвај успеа да одбрани. Се обиде потоа и од слободен удар, но не беше прецизен, а одлични две можности пропушти Влатко Стојановски. Во 74.минута шутираше за малку крај голот, а две минути подоцна упати удар со глава, но Шлагер одбрани и исфрли во корнер. И на крајот конечно погоди. Во третата минута од судиското продолжение тој го постигна дебитантскиот погодок во националниот дрес. 

По девет кола, Македонија со 11 бода е на четвртото место во групата и во вторник ќе го пречека Израел. Ако победи, ќе го задржи четвртото место, а може и до третата позиција, доколку Полска слави дома против Словенците. 

АВСТРИЈА – МАКЕДОНИЈА 2-1 (1-0)

Стадион „Ернст Хапел“ во Виена. Гледачи: 41.100. Судија: Мајкл Оливер (Англија). Стрелци: Алаба 8′, Лајнер 48′ (Австрија), Стојановски 90+3′ (Македонија).

АВСТРИЈА: Шлагер, Улмер, Драговиќ, Хинтерегер, Лајнер, Сабицер, Лајмер (90′ Илсанкер), Баумгартлингер, Алаба (90′ Грегорич), Лазаро (79′ Тримел), Арнаутовиќ. 

МАКЕДОНИЈА: Димитриевски, Ристовски, Младеновски (46′ Зајков), Велковски, Ристевски, Спировски, Барди, Тошевски, Костадинов, Елмас, Трајковски (13′ Стојановски). 

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови