Connect with us

Интер го притиска Челси да ја намали цената за Лукаку

Интер се обидува да го убеди Челси да ја намали цената на напаѓачот Ромелу Лукаку. Белгиецот моментално е на позајмица во „нероаѕурите“ до лето, но двата клуба имаат прелиминарен договор дека под одредени услови закупот може да биде продолжен на уште една година. Токму за тоа Италијанците сакаат повторно да преговараат, тврди „Тутоспорт“.


Според договорот меѓу двата клуба, Лукаку може да остане уште една сезона на „Џузепе Меаца“ доколку Интер на лето плати 8 милиони евра, плус уште 3 милиони бонуси. Иако цената не изгледа превисока, Интер се надева дека ќе ја намали. Згора на тоа, 29-годишниот фудбалер досега не му беше многу од корист на тимот, бидејќи го мачеа повреди и одигра само четири натпревари како стартер и уште четири како резерва.


Така двата клуба може да се најдат во компликувана ситуација на лето. Интер не сака да го пушти Лукаку да си замине бидејќи клубот во моментов не е во позиција да инвестира во друг напаѓач од неговиот калибар. Сепак, Челси многу не сака да ги промени веќе договорените параметри, бидејќи на клубот му треба секое евро за да ги исполни критериумите за финансискиот фер-плеј, особено по сериозните трансфери кои продолжува да ги прави и во јануарскиот преоден рок.


Покрај тоа, „сините“ тешко ќе најдат друг купувач за Лукаку, со оглед на неговата лоша форма.
Белгиецот има договор со лондончани до 2026 година.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови