Фудбалската репрезентација на Македонија во 2022 година дојде на прагот на пласман на Светско првенство, а засекогаш ќе остане „врежана“ во меморијата на Италијанците на кои им застана на патот кон Катар. Во Лигата на нации не беше премногу успешна, но селекторот Благоја Милевски, во интервју за официјалниот сајт на ФФМ, гледа напред кон следниот предизвик, квалификациите за ЕП 2024 и можноста да бидеме конкурентни во групата со Англија, Италија, Украина и Малта.
„Пласманот на големо натпреварување е сон за секоја нација. Групата во која се наоѓаме е пеколно тешка, но истовремено е голем предизвик за сите нас. Италија ја победивме во Палермо, тој меч беше можеби најважниот за нив во поновата историја, а по неуспехот против Македонија, вторпат во низа пропуштија пласман на Светско првенство. Ќе бидат екстремно мотивирани да бараат одмазда против нас.
Англија е топ репрезентација, Герет Саутгејт одлично си ја врши работата со исклучително талентиран состав. Со голем дел од фудбалерите заедно работеа во младата англиска селекција и сега се гладни за големи победи.
Сепак, мора да бидеме подготвени за се што не очекува. Малта е селекција која континуирано напредува и станува конкурентен и сериозен тим. Тоа го потврдуваат нивните последни резултати.
Украина е цврст, одличен тим. Играат модерен и допадлив фудабал, без разлика на противникот. Тоа го видовме и на меѓусебниот меч на Европското првенство.
Мора да ни биде јасно дека Македонија сите противници веќе ја гледаат низ поинаква призма, желни да го победат нашиот тим. Но, за тој статус се изборија фудбалерите со пласманот на ЕП, натпреварите од квалификациите за СП, а посебно начинот на кој ги одигравме двата плеј-оф дуели за СП, победата над актуелниот eвропски првак, Италија и финалето против Португалија.
Ние го разбираме тоа и така се подготвуваме. Фаворитите постојано се менуваат. Не е лесно да победиш на било кој натпревар. Видовме дека и на СП многу силни репрезентации не ја оправдаа фаворитската улога. Во денешниот фудбал ако сакаме да ја постигнеме целта, не само што е неопходно да бидеме на потребното ниво, туку и многу повеќе од тоа. Тоа треба да не води во следниот квалификациски циклус.
За мене е важно сите да бидат здрави, иако ми е јасно дека ние целосно не можеме да влијаеме на тоа. Постојано разговарам со фудбалерите за статусот и формата во клубовите. Тие знаат дека само целосно подготвени играчи можат да бидат конкурентни. За целиот овој период изградивме меѓусебна доверба, верувам дека сфативме дека сме тука еден за друг, дека тимот е над секој поединец и дека сите мора да се ставиме во функција на тимот. Останува тоа да го потврдиме на натпреварите кои ни следуваат. Нашата најголема сила мора да биде тимот“.
Постојано го напоменувате второто место во квалификациите за СП и бараж мечевите против Италија и Португалија, иако веќе минаа месеци од тие пресметки, кои за жал не ни донесоа пласман на Светското првенство.
Впечаток е дека малку зборувате за поразите, натпреварите од Лига на нации, поразот од Бугарија и Грузија или неуспехот против Азербејџан на последниот контролен меч.
„За мене, но и за многумина, Италија е нашиот најголем триумф. Победа против ввропскиот првак во плеј-оф натпревар за пласман на СП на гостински терен е посебен резултат. За жал, ние не играме често натпревари од таков тип. Би бил среќен доколку е поинаку. Но, драги ми се сеќавањата и од натпреварите во квалификациите за СП и освојувањето на второто место во групата.
Јас разбирам дека многу често во нашата работа секогаш во фокусот се последните одиграни натпревари, но за мене сето ова не се сведува на „црно и бело“.
Сакам да бидеме објективни. Доколку ја гледаме реалната слика на периодот после плеј-оф натпреварите, а ве очекуваат дуели од Лига на нации во период кога дел од фудбалерите се на одмор, дел од нив немаат клубови, други се во потрага по нов клупски ангажман, дел од носителите на игра поради повреда или замор не се во можност да се стават во функција на тимот и за десет дена треба да одиграте четири натпревари, тогаш илузорно е да барате резултат по секоја цена од оние што и покрај сите околности беа тука за нашиот тим. А, згора на се, емотивно бевме исцрпени после мечот со Португалија. Таа слика реално ја согледавме и свесно фокусот го насочивме кон проверка на потенцијалот на кои ќе сметаме во квалификациите за ЕП 2024.
Јас реков дека нашата главна цел е создавање тим кој ќе биде конкурентен во следните евро квалификации, а последните натпревари и мечевите од Лига на нации ни служеа во таа насока. Свесно дозволив и некои работи кои се надвор од моите принципи на последните два контролни дуели со силните Финска и Азербејџан, се со цел да имаме јасна и реална слика за квалитетот и потенцијалот на сите репрезентативци.
Одговорот на последното прашање не дава такво чувство, но сепак, имате ли притисок за вашата позиција?
„Мислам дека имав поголем притисок во 2021 година кога го преземав тимот, па ни се случија квалификациите за СП и освојувањето на второто место, а потоа и плеј-оф мечевите против Италија и Португалија.
Јас сум професионален тренер веќе 11 години и секогаш се обидувам да се развивам и да напредувам. Мојот стил на работа секако не е ист како пред десет години, но секогаш сум одел чекор по чекор до повисоко ниво.
Единствен притисок сега е да го задржиме нивото на кое се наоѓа Македонија во моментот, а тоа е доста високо. Тоа значи дека и нашата обврска е поголема и бара секогаш да бидеме на потребното ниво, да даваме и повеќе од нашиот максимум без разлика на противникот или натпреварувањето. Знаеме дека имаме квалитет, талент и самодоверба да се носиме со секого, но само ако сето тоа го ставиме во функција на тимот.
Во јавноста постојано се провлекува некаква приказна околу отсуството на важни фудбалери, пред сѐ, Адеми и Ристовски за последниот циклус натпревари.
Да бидам искрен, имам доволно искуство за да не размислувам за такво внимание од луѓето кои се обидуваат да „плетат“ такви приказни. Најважно за мене е тоа што го добивам како информација во разговорите со фудбалерите, па и со Стефан и Аријан. Никогаш и ништо за мене не било поважно од тоа. Така и функционираме.
Јас сум професионалец, искрен во намерите и секогаш настојувам да бидам отворен и транспарентен. Тоа го барам од сите, се разбира и од фудбалерите. Би било добро за Македонија да ги имаме во тимот за квалификациите. Се надевам дека како и сите други ќе бидат здрави и подготвени да се стават на располагање.
Во селекцијата која ја предводевте на ЕП 2017 за фудбалери до 21 година беа многу од сегашната генерација. Рака на срце, сега вие сте во позиција кога немате толку голем избор на фудбалери од помладите генерации?
Многу тогашни млади репрезентативци денес се во најдобрата селекција, Барди, Зајков, Велковски, Николов, Елмас, Муслиу, Бабунски, Бејтулаи или Шишковски и Алексовски. Ги запознав во раната фаза од нивната кариера и горд сум што направија одлична кариера. Во Македонија секогаш сме задоволни со развојот на фудбалерите од младите категории, па се до сениорите, а тоа искуство мене ми помага во работата. Како што и од последната генерација која ја предводев, сега во тимот се и Чурлинов, Милан Ристовски, Миовски, Серафимов, Елези, Атанасов, Етеми, Тодоровски, Фазлагиќ, Димовски и Гроздановски.
Повеќето од нив сега се приклучени во А репрезентацијата. Но, реално, нашата фудбалска инфраструктура, посебно клупска, е лоша, целосно под нивото што го заслужува нашиот репрезентативен фудбал. Навивачите, репрезентацијата, младите играчи, тренерите – сите заслужуваме повеќе инвестиции во фудбалот бидејќи ќе биде тешко да се држи чекор со другите земји кои значително повеќе инвестираат. А, базата се создава таму. Федерација се обидува некако да им всади амбициозност на клубовите, а не да им биде цел „животарење“ од сезона во сезона. Нужно е и клубовите да размислуваат, планираат и постапуваат долгорочно. Тоа се однесува пред сѐ на развојот на младите фудбалери.
Велите тимот се наоѓа во транзиција, веројатно тој процес е во завршна фаза ако целта е да бидеме конкурентни во европските квалификации.
„Тоа е процес и период кој не можеме да го прескокнеме. Кога во тимот имаме десетмина млади и нови фудбалери потребен е период за нивно прилагодување и создавање хемија со останатите поискусни фудбалери. Пресметки во Лига на нации, силни контролни мечеви и натпревари од натпреварувачки карактер тие фудбалери мораат да имаат во своите нозе за да бидат конкурентни во тимот и да стигнеме до нашата цел. Поикусните, Стефан Ристовски, Барди, Алиоски, Трајковски, Адеми, Димитриевски, Велковски, Муслиу, Несторовски, па и Елмас им помагаат во тоа, но од самите млади фудбалери зависи дали и колку ќе бидат корисни за тимот. За мене е важно што сите им даваат поддршка, а веројатно и самите тие чувствуваат дека можат да бидат значајна алка во репрезентативниот систем.
На последниот натпревар против Азербејџан повеќе се зборуваше за вашето несогласување со гледач од публиката, а помалку за големиот број нови фудбалери кои добија шанса на тој натпревар.
Не се работи за несогласување, туку само побарав почит кон сите нас, посебно за фудбалерите. Без разлика на се, тие секогаш го даваат најдоброто од себе кога играат за Македонија. Некогаш победуваме, ќе се случуваат и порази, но најважна е поддшката што треба да му ја дадеме на тимот.
А, ако сакате да бидам и конкретен за таа ситуација, можеби и мојата блискост со нашиот верен поддржувач Мартин, ме натера да изреагирам на таков начин. Знам дека со многу емоции ги следи нашите натпревари, како и сите ние.
Која е вашата порака за Нова година, што посакувате во 2023 година?
Бог нека не чува, фудбалерите и сите нас. Посакувам добро здравје и радосни моменти. Среќни празници на сите.
-
Ексклузивна колумна на Филип Лам: Хомогеноста на Шпанија против непредвидливите Германци
Осум селекции сѐ уште остануваат, но сите дваесет и четири нации придонесоа за успехот...
Автор makfudbal
-
(ИН)ДИРЕКТ: Време е за ново „правило“: Ако не минеш две кола во Европа, следните три години „не смееш“ да играш!
Македонските фудбалски туристи се прошетаа низ Европа, добро, низ споредните државички кои се далеку...
Автор Nikola Gjurovski