Connect with us

Османи: Паузата беше добредојдена за Шкендија

Шкендија повторно е под раководство на Ќатип Османи. Тој дојде еден ден пред дербито со Шкупи, а паузата ја искористи за интензивни тренинзи и подобрување на физичката способност кај фудбалерите.


„На некој начин изведовме мини подготвителна фаза и верувам дека добро ја искористивме паузата која дојде во многу соодветен момент за нас. Минатата недела работевме со зголемен интензитет, додека од вторник го намалуваме темпото и ќе се дозираат тренинзите за да го чекаме максимално подготвени неделниот натпревар против Победа“, вели шефот на стручниот штаб на Шкендија, Ќатип Османи.

Тој вели дека работата на тимот оди во позитивна насока пред продолжението на првенството.

„Да бидам искрен, првите позитивни сигнали дојдоа на натпреварот со Шкупи каде тимот се претстави многу добро и по натпреварот реков дека единствено што недостасува е реализацијата. Токму во овој сегмент се обидовме да работиме со посебен акцент на паузата и мислам дека напредуваме. Секако, за да стигнеме таму каде што сакаме ни треба многу работа и трпение“.

„Ќато“ ја цени заложбата на клубот да ги создаде сите предуслови за успех и во оваа насока е ангажманот на кондицискиот тренер, Иван Јовановски.

„Контролниот натпревар со Гостивар ми даде увид што ми требаше во оваа фаза. Овој период ги немавме играчите ангажирани во репрезентативните селекции, но добро е што нашите играчи добиваат место во националниот тим. Сакам да истакнам дека од голема помош ќе ни биде кондицискиот тренер Иван Јовановски, а претседателството добро ја заврши работата со неговиот ангажман“, заврши Османи.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови