Connect with us

МАКФУДБАЛ – Тим на 1. коло!

Првото коло од новата сезона во елитното македонско фудбалско друштво донесе неколку изненадувачки резултати кои, без сомнение, навестуваат, ако ништо друго, повеќе од интересен шампионат. Шампионот Шкендија доживеа пораз од Академија Пандев во дербито на колото, Македонија ЃП релативно лесно се „справи“ со Вардар а новиот прволигаш Струга Трум Лум, пак, стигна до победа против Работнички. Очекувани веројатно беа победите на домашен терен на Ренова против Силекс и Шкупи во пресметката со Борец Велес.

МАКФУДБАЛ го издвои најдобриот тим на 1.коло од сезоната 2019/2020 во Првата македонска фудбалска лига:

1. ДУШАН ЧУБРАКОВИЌ (АК. ПАНДЕВ)

Српскиот интернационалец на голот на Академија Пандев е најзаслужниот за победата на струмичани во дерби пресметката против Шкендија. Извонреден на голот на домашните низ текот на сите 90 минути, не дозволувајќи погодок во својата мрежа.

2. БАШКИМ ВЕЛИЈА (РЕНОВА)

Творецот на победата на „гипсарите“ кој на натпреварот против Силекс играше и со нешто поофанзивна улога. Па стрелец на прекрасен погодок со шут од 20 метри, единствен на мечот, кој донесе три бода за Ренова.

3. ЕСМИН ЛИЧИНА (МАКЕДОНИЈА ЃП)

Сигурен во одбраната на „лавовите“ на дуелот против Вардар. Во неколку наврати прецизни интервенции, не дозволувајќи разиграност на офанзивците на Вардар.

4. МАРИО МАСЛАЌ (АК. ПАНДЕВ)

Потврди дека ќе биде квалитетно засилување за одбраната на Академија Пандев, иако тимот на мечот со Шкендија во континуитет беше под притисок за спречување на нападите на гостите.

5. БЛЕРТОН ШЕЈИ (СТРУГА ТЛ)

Левиот бек на стружани демонстрираше квалитетно издание, издвојувајќи се и во дефанзивните задачи но и со играта на средината каде се контролираше резултатот на мечот против „романтичарите“.

6. МАРИН ЈУРИНА (ШКУПИ)

Активен во нападот и во дефанзивата на тимот по десната страна. Стрелец на погодокот кој ја најави победата на Шкупи против новиот прволигаш.

7. БОБИ БОЖИНОВСКИ (МАКЕДОНИЈА ЃП)

Уште една капитенска партија на искусниот Божиновски. Стрелец на првиот гол за Македонија ЃП со кој се отвори патот за „лавовите“ до победата против Вардар.

8. НИЈАС ЛЕНА (СТРУГА ТЛ)

Стрелец на победничкиот гол за стружани за првата прволигашка победа во својата историја. Квалитетна игра и на средината од теренот.

9. БУРХАН МУСТАФОВ (СТРУГА ТЛ)

Најдобриот во составот на Струга ТЛ во победата против Работнички. Играч на мечот, стрелец на прекрасен погодок за израмнување, а асистираше и за победничкиот гол на Нијас Лена.

10. САШКО ПАНДЕВ (АК. ПАНДЕВ)

Човекот на одлука на дербито против Шкендија. Со еден потег го реши натпреварот постигнувајќи еврогол директно од слободен удар за триумф на „пандевци“.

11. БЕНЈАМИН ДЕМИР (МАКЕДОНИЈА ЃП)

Поранешниот младински репрезентативец еден од најзабележителните на теренот во победата на Македонија ЃП против Вардар. Одлична игра на крилната офанзивна позиција, двоен асистент за триумф на својот тим.      

ТРЕНЕР НА КОЛОТО: ЈУГОСЛАВ ТРЕНЧОВСКИ (АК. ПАНДЕВ)

Академија Пандев потврди дека и оваа сезона ќе биде тим кој сериозно ќе води битка за европски излез. Иако со некомплетен состав, „пандевци“ одиграа тактички натпревар, трпеливо и мудро очекувајќи ја својата шанса за триумф против Шкендија.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови