Connect with us

МАКФУДБАЛ – ТИМ НА 6. КОЛО!

Академија Пандев ја задржа лидерската позиција во Првата македонска фудбалска лига по ремито на гостувањето против Струга ТЛ. Но, сериозна закана за „пандевци“ сега е Вардар кој ниже победи во низа, овој пат и во дербито против Шкупи на Чаир. Шкендија врза конечно две победи во низа, а по три едноподруго порази Работнички славеше против „лавовите“. Силекс убедливо со 3-0 го совлада Борец.

МАКФУДБАЛ го издвои најдобриот тим на 6. коло од сезоната 2019/2020 во Првата македонска фудбалска лига:

1. ФИЛИП ГАЧЕВСКИ (ВАРДАР)

Сигурен на голот на Вардар, објективно немоќен за единствениот погодок на домашните, а во последните секунди од натпреварот со одлична интервенција спречи погодок за Шкупи и ја потврди победата од 1-2 на „вардарци“.

2. МЕВЉАН МУРАТИ (ШКЕНДИЈА)

Квалитетен во дефанзивата, сигурен без грешки, и активен во офанзивните акции на тимот.

3. ХРИСТИЈАН ДРАГАРСКИ (СТРУГА ТЛ)

Цврст, сигурен во одбраната на Струга ТЛ која понесе сериозна улога на патот до бодот против лидерот Академија Пандев.

4. НЕМАЊА ИЛИЌ (РАБОТНИЧКИ)

Одлично сработена задача во дефанзивата каде во голема мера беа неутрализирани обидите на гостите да дојдат до погодок на националната арена „Тодор Проевски“.

5. РЕИС ЖУНИОР (ВАРДАР)

Уште еден добар натпревар во низа. Го изнуди пеналот за вториот гол по кој Вардар веќе со сигурност ја навести победата од 1-2 на гостувањето против Шкупи.

6. АРМЕНД АЛИМИ (ШКЕНДИЈА)

Уште еднаш вистински лидер на средината од теренот, сето тоа заокружено и со погодокот кој го скрши отпорот на „гипсарите“ за триумф на Шкендија.

7. ИВАН МАРКОВИЌ (РАБОТНИЧКИ)

Стрелец на единствениот гол вреден три бода за „романтичарите“. Иако не реализираше и удар од белата точка, сепак постигна убав погодок а имаше и постојано активна улога во средниот ред на тимот.

8. ВИКТОР СЕРАФИМОВСКИ (СИЛЕКС)

Еден од најзабележителните во тимот на кратовци. Го отвори и резултатот најавувајќи ја победата против Борец.

9. МАТЕЈ ЦВЕТАНОСКИ (ВАРДАР)

Квалитетна партија на Цветаноски, дополнета и со прекрасен гол кој ја најави победата на „вардарци“.

10. БЕСАРТ ИБРАИМИ (ШКЕНДИЈА)

По долгата пауза поради повредата полека се враќа во ритам во црвено-црниот дрес. Внесе живост во играта на тетовци по влегувањето во 60.минута, а по долг период и повторно стрелец за својот тим.

11. КРИСТИЈАН КОСТОВСКИ (СИЛЕКС)

Креативна игра, реализаторски расположен, значаен допринос во триумфот на својот тим против велешани.

ТРЕНЕР НА КОЛОТО: АЛЕКСАНДАР ВАСОСКИ (ВАРДАР)

По лошиот старт на сезоната, Вардар веќе е незапирлив. Одлично тактички црвено-црните го одиграа мечот во Чаир, иако почетно и среќно стигнувајќи до предност во моменти на иницијатива на противникот. Сепак, во вториот дел комплетно надигран Шкупи а Вардар може да жали што беше пропуштена можност и за поубедлива победа.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови