Connect with us

Ексклузивна колумна на Филип Лам: ПСЖ – фудбалскиот „Самаритен“ во Европа

„Views of a footballer“ е колумна на Филип Лам, во соработка со новинарот Оливер Фрич, на германскиот интернет магазин „Zeit Online“, која ексклузивно во Македонија ја објавува www.makfudbal.mk. Истовремено колумната се објавува и во неколку реномирани медиуми во Европа (The Guardian, La Repubblica, Politiken, Delo, Sports Daily, Sport Voetbalmagazine, Gazeta Wyborcza, Tribuna, Dennik).

Поранешниот капитен на светскиот првак Германија и директор на турнирот ЕВРО 2024 ќе ги анализира фудбалските теми и ќе разговара за нивната стратешка важност за општеството, економијата и политиката.

На брегот на Сена во Париз, на пет минути од Лувр, стои стоковната куќа „Самаритен“. Последното реновирање на објектот чинеше 750 милиони евра. Внатрешноста е обложена со дрва, има ВИП зона. Асортиманот се состои од Диор, Гучи, Прада и Луј Витон.

Чевлите чинат 1.000 евра. Шишињата со шампањ може да се персонализираат, шишињата со парфеми прикажани под стакло може да се купат за сума од шест цифри. Бизнисот за луксузни производи продолжува да расте, дури и во пандемијата.

„Самаритен“ привлекува луѓе. Исто како што луѓето одат да и се восхитуваат на Мона Лиза во Лувр и одат да ги гледаат Ајфеловата кула исто така доаѓаат и во „Самаритен“.

Сопственикот Бернард Арно, најбогатиот Европеец, ги собра сите благородни брендови во својот
замок од бајките.

„Самаритен“ наликува на фудбалскиот тим на Пари Сен Жермен. Тоа е затоа што највредните светски фудбалери се под еден покрив таму. На голот е Донарума, кој беше прогласен за играч на турнирот по титулата на Италија на Евро. Нов во одбраната е Серхио Рамос, поранешниот капитен и идентификација за Реал Мадрид повеќе од една деценија. Марко Верати, срцето на италијанскиот среден ред, ја предводи играта.

Во нападот се ликовите кои ги знае секое дете во Токио, Делхи, Кејптаун, Лондон и Рио. Нејмар и Килијан Мбапе не се само најталентираните напаѓачи во светот, туку и најскапите. Заедно тие чинат повеќе од 400 милиони евра . Сега со нив во дресот на ПСЖ е и Лео Меси, шесткратниот освојувач на признанието најдобар фудбалер во светот, две децении икона на Барселона.

Тројцата се најпознатите фудбалери на планетата, и заедно имаат повеќе од половина милијарда следбеници на социјалните медиуми. Единствениот што недостасува е Кристијано Роналдо, но тоа би било премногу за да го менаџира било кој тренер.

Десет години ПСЖ е во сопственост на семејството на власт од Катар. Сопственикот, шеф на државата Тамим бин Хамад ал-Тани, инвестираше повеќе од милијарда евра во клубот. Земјата домаќин на следното Светско првенство, финансира во спортот многу години, привлекувајќи внимание низ целиот свет на овој начин.

Во последните девет години, ПСЖ беше шампион на Франција седум пати. Но, во Париз, како и во другите големи фудбалски центри, националната лига веќе не е одлучувачки фактор. Клубот, кој нема голема традиција или импозантна колекција трофеи, неодамна влезе во континенталната елита. Вработува само реномирани тренери како Карло Анчелоти, Унаи Емери, Лоран Блан, Томас Тухел и, сега, Маурисио Покетино.

Сезоната во Лигата на шампионите почна вчера. ПСЖ сега е во редот на фаворитите. Титула во елитното натпреварување ќе биде прв меѓународен трофеј за француски клуб од 1996 година. Последниве години клубот беше блиску до остварување на овој успех. Минатата сезона, ПСЖ беше во полуфиналето, а претходната сезона беше финалист.

Бројот на обожаватели на клубот низ целиот свет расте. Во обид да ги видат ѕвездите одблиску огромен број луѓе се собираат како за поп ѕвездите и за актерите од Холивуд.

Дресовите се продаваат добро. Корона не може да му направи ништо на ПСЖ. За клубот зборуваат сите. По Ајфеловата кула и Нотр Дам, Париз има ново обележје: превисоко скап фудбалски тим.

Клубот е дури и дел од поп културата. Нејзините играчи се популарни кај раперите. Нивните видеа достигнуваат гледаност од деветцифрени бројки. ПСЖ е интегриран во модната индустрија. Дизајнерката Кристел Коше го создаде дресот на ПСЖ кој чинеше 3.000 евра. Бијонсе, Леонардо ди Каприо и Мик Џегер ги носат нејзините креации.

Во воведното коло од Лигата на шампионите, Пари Сен Жeрмен ќе се соочи со Бриж. Клубот, чиј обид за јавна продажба на акции пропадна ова лето. има обрт од околу 135 милиони евра годишно, но игра во сосема поинаква лига. Фудбалерите на белгискиот шампион мора да се чувствуваат како туристи на „Самаритен“ при средбата со Нејмар, Мбапе и Меси.

Врвниот фудбал, како што покажува особено ПСЖ, се промени. Клубовите бараат нов модел, идентификацијата со нив не е вкоренета локално, но интересот е глобален. Кога ПСЖ ќе игра со Сити, целиот свет ќе гледа. Нема поголем спектакл.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови