Connect with us

Сејдини: Ангеловски сам најави дека сака нови предизвици

Игор Ангеловски заминува, а Благоја Милевски од 1 август и официјално ќе го наследи на клупата на А репрезентацијата на Македонија. По големиот успех и пласманот на Европско првенство, воочлив беше јазот меѓу челниците на ФФМ и селекторот.


Претседателот Муамед Сејдини вели Игор Ангеловски сам најавил дека бара нов предизвик, па затоа ФФМ кормилото на А-тимот му го предава на се уште актуелниот селектор на младиот национален состав, Благоја Милевски.


„Од мое лично и од име на Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија упатувам благодарност до Игор Ангеловски за неговата работа и придонесот кој го даде за успесите со македонската А репрезентација. Игор Ангеловски самиот најави дека по завршувањето на Европското првенство ќе бара нови предизвици во својата кариера и сега е време ние да ја почитуваме неговата одлука и да ја покажеме нашата благодарност за неговата работа и страст во сите овие години на чело на македонската А-репрезентација“, изјави Сејдини за официјалниот сајт на федерацијата.

Тој вели дека Благоја Милевски го регенерираше македонскиот фудбалски крвоток и сега добива можност да го предводи А – тимот.

„Визијата за нашата фудбалска иднина со Благоја Милевски на местото селектор на македонската А репрезентација е кристално јасна. Тој е човекот кој го регенерираше македонскиот фудбалски крвоток, создаде неверојатна група на фудбалери кои зад себе веќе имаат настап на две Европски првенства, младинско и сениорско и уверени сме дека тој пат мора да продолжи.

Му даваме доверба на Благоја Милевски да ја предводи македонската А репрезентација поради неговиот карактер, работната етика и човечките квалитети. Тој е тренер кој става личен печат на тимовите кои ги предводи и човек со дисциплина и исклучителна ментална сила.

Македонската А репрезентација ќе ја предводи селекторот Благоја Милевски кој ја создаде златната генерација македонски фудбалери која беше меѓу 12-те најдобри селекции во Европа и фудбалери кои веќе неколку години се дел од нашиот најдобар национален тим.

Веруваме во квалитетите на Благоја Милевски и убедени сме дека ќе продолжи со успех да ја предводи и А репрезентацијата. Уште повеќе затоа што на секоја разумна и личност со вистински вредности му докажа каков човек е и каков тренер е“, истакна Муамед Сејдини.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови