И тогаш играа…Муарем Зекир, Саша Илиќ, Сашо Јанев, Чинеду Блесинг, Драган Веселиновски, Александар Васоски, Срѓан Захариевски, Славчо Георгиевски, Александар Бајевски, Ристо Божинов, Марио Петков….А Боби Божиновски беше младо момче кое го бараше местото под сонцето во силниот тим на Вардар што го предводеше Ѓоко Хаџиевски.
Следната сезона, 2001 година, дојдоа Никола Ѓошевски, Игор Стојанов, Влатко Грозданоски, Диме Спасовски, Илир Елмазовски…Боби Божиновски доби шанса да биде дел од тимот и полека се наметнуваше.
Поминаа цели 20 години и тој е „вечното момче“, но и жива легенда во Првата фудбалска лига. Денеска полни 40 години, а се уште е еден од најдобрите. И ако му кажете дека е време да ја заврши кариерата, како господин човек културно ќе се насмевне и ќе ви одговори…„Можам јас уште“. И навистина може, еден е од носителите на играта на Македонија Ѓорче Петров каде неговиот речиси врсник, тренерот Жикица Тасевски создаде одличен тим кој беше хит на есента. А предводник, со неколку постигнати голови во клучни моменти за тимот да стигне до победа, беше токму Боби Божиновски.
Пример за борец на теренот, пример за спортско однесување и надвор од него, Боби Божиновски навлегува во петтата деценија од животот, но и понатаму (ќе) го гледаме на прволигашките стадиони во Македонија. Своевремено собра и интернационално искуство, а во Македонија ги мина речиси сите клубови, со потестување и на легендарната Цементарница 55 која сега којзнае и дали живурка во најниските конкуренции.
Македонија ЃП в недела го пречекува Борец во Ѓорче Петров, а Боби Божиновски прв меѓу „лавовите“ ќе истрча на теренот. Ќе каже некој….Што лига е оваа кога Боби игра и со 40? Ама не е така. Не е до лигата, до Боби е…Вечното момче на македонскиот прволигашки фудбал.
Голманот на Македонија ЃП, Дамјан Серафимов, кој бранеше во првото пролетно коло против Струга Трим Лум, не беше ни роден, кога Боби Божиновски на времето играше во Вардар… „Гази си“, Боби, и до 50…
-
Ексклузивна колумна на Филип Лам: Хомогеноста на Шпанија против непредвидливите Германци
Осум селекции сѐ уште остануваат, но сите дваесет и четири нации придонесоа за успехот...
Автор makfudbal
-
(ИН)ДИРЕКТ: Време е за ново „правило“: Ако не минеш две кола во Европа, следните три години „не смееш“ да играш!
Македонските фудбалски туристи се прошетаа низ Европа, добро, низ споредните државички кои се далеку...
Автор Nikola Gjurovski