Фудбалските калчолигаши Милан и Интер денес го финализираа купувањето на легендарниот стадион „Сан Сиро“ и околниот комплекс од градот Милано, со што добија зелено светло да започнат со изградба на нов, модерен стадион со капацитет од 71.500 седишта.
„Изградбата на новиот стадион и урбаната регенерација на областа Сан Сиро претставуваат ново поглавје за градот Милано и за двата клуба. Ова е стратешка пресвртница која ја одразува заедничката амбиција на Милан и Интер и нивните сопственици за долгорочен спортски успех и инвестиции што ја зголемуваат вредноста и го поддржуваат одржливиот раст на клубовите“, стои во заедничкото соопштение на двата милански гиганта.
Цената на купопродажбата изнесува 197 милиони евра.
Продажбата мораше да биде завршена пред 10 ноември, датум на кој вториот прстен на стадионот – изграден пред точно 70 години – ќе стекнеше историски статус и објектот повеќе немаше да може да се руши.
Двата клуба веќе имаат потпишано договори со архитектонски фирми кои ќе го изработат дизајнот на новиот стадион. Тој ќе биде дел од поширок проект што ќе опфаќа површина од приближно 281.000 квадратни метри.
Според плановите, новиот стадион треба да биде готов до 2031 година, а инвестицијата ќе чини околу 1,2 милијарди евра. Целта е арената да биде подготвена за Европското првенство во 2032 година, кое Италија ќе го организира заедно со Турција. Сегашниот „Сан Сиро“ ќе биде домаќин на церемонијата на отворањето на Зимските олимписки игри во Милано и Кортина.
Легендарниот стадион „Сан Сиро“, познат и како Џузепе Меаца, со капацитет од 75.000 гледачи, е еден од најиконските стадиони во европскиот фудбал. Отворен е во 1926 година, а во изминатите децении повеќепати беше реновиран. Најголемиот дел од сегашната структура ќе биде срушена, но дел од трибината – која има статус на заштитено културно наследство – ќе биде зачуван и интегриран во новиот проект, кој ќе вклучува деловни и спортски објекти.
-
МАКФУДБАЛ ТИМ НА КОЛОТО ВО ПРВАТА ЛИГА
Вардар во последен миг дојде до победа во дербито со Силекс, откако Роџерс Мато...
Автор makfudbal
-
МАКФУДБАЛ ТРЕНЕР на колото: Гоце Седлоски (Вардар)
Не е лесно да се победат две дерби во низа. Вардар ја победи Шкендија...
Автор makfudbal













