Connect with us

Сити го нокаутира Јунајтед, Ерлинг Халанд двоен стрелец (ВИДЕО)

Фудбалерите на Манчестер Сити триумфираа против Манчестер Јунајтед со убедливи 3-0 на „Етихад“, во градското дерби одиграно во рамки на четвртото коло од англиската Премиер – лига.

Тимот на Пеп Гвардиола по двата неочекувани порази во првенството конечно покажа класа и доминација, најавувајќи излез од кризата. Сити сега има шест бода, додека Јунајтед остана на четири и со нови проблеми за менаџерот Рубен Аморим, кој сè уште не успева да ја пронајде вистинската формула за својот тим.

Ерлинг Халанд беше двоен стрелец, Фил Фоден постигна еден гол, Џереми Доку запиша две асистенции, а Џиџо Донарума на својот дебитантски настап за Сити ја сочува мрежата недопрена.

„Граѓаните“ беа подобри и поагресивни уште од самиот почеток, а водството го обезбедија во 18. минута. Родри од средината на теренот го проигра Доку, кој со брз пробив ја мина одбраната на Јунајтед и по втората упатена топка, го пронајде Фоден. Англискиот офанзивец со прецизен удар со глава ја затресе мрежата на Бајиндир за 1-0.

Јунајтед во напад изгледаше беспомошно – Шешко и Мбеумо беа целосно отсечени, а Донарума првите 45 минути ги мина речиси без интервенција.

Во второто полувреме гостите накратко ја презедоа иницијативата, но Сити со брза акција ја удвои предноста. Фоден комбинираше со Доку, кој со совршено додавање го изведе Халанд сам пред голманот, а Норвежанецот рутински реализираше за 2-0.

Само две минути подоцна Халанд имаше шанса целосно да го „затвори“ дербито, но по дриблингот и минувањето покрај голманот ја погоди стативата на празна мрежа.

Јунајтед се обиде да возврати преку Мбеумо, но Донарума со одлична интервенција спречи намалување на резултатот.

Отворената игра на гостите им овозможи на „граѓаните“ уште една казна, во 68. минута Бернардо Силва испрати долга топка кон Халанд, кој повторно излезе сам пред Бајиндир и сигурно реализираше за 3-0.

До крајот на мечот Рејндерс за Сити, а Амад Дијало и Кашемиро за Јунајтед имаа можности, но резултатот остана непроменет.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови