Connect with us

Последен танц: Шкендија со фанови ќе слави титула, а Брера и Беса сакаат да го избегнат баражот

Последно коло од Првата фудбалска лига. Многу прашања се веќе одговорени, Шкендија е нов шампион, Силекс и Работнички ќе играат во Европа, а екипите кои испаѓаат всушност предвреме го нашуштија првенството, Воска Спорт и Гостивар.

Остана уште една непозната, која екипа ќе игра бараж за опстанок во елитата, со третопласираниот тим од Втората лига.

Во 33. коло се играат четири натпревари со реално натпреварувачко значење, откако Вардар (против Гостивар) и Шкупи (против Воска) добиваат службени победи од 3-0.

Централниот фокус денес е насочен кон дуелите на Брера и Беса – двете екипи кои се борат за избегнување на баражот. Брера влегува во натпреварот со предност од еден бод и сама ја крои својата судбина. Доколку струмичани го совладаат Работнички на домашен терен, сигурно ќе обезбедат директен опстанок. Исто така, и доколку одиграат нерешено или загубат, но со ист исход заврши и мечот на Беса.

Работнички гостува растоварено во Струмица, но тоа ќе биде последен меч за тренерот Горан Станиќ на клупата на „романтичарите“, кој потоа професионално ќе се посвети на функцијата селектор на младата фудбалска репрезентација до 21 година.

Од друга страна, Беса има тежок предизвик во Битола каде гостува кај Пелистер. За тимот од Добри Дол победата е императив, но тоа нема да биде доволно доколку Брера триумфира во Струмица.

Во Тетово, Шкендија го игра последниот натпревар сезонава против Силекс и ќе ја круниса шампионската титула пред своите навивачи. ФФМ ја одобри жалбата на Шкендија да се дозволи присуство на фанови на денешната прослава на титулата.

Во Кавадарци, Тиквеш ќе се соочи со Струга во меч без поголемо натпреварувачко значење.

ДВОЈКИ ПРВА ЛИГА, 33. КОЛО (денеска, 17 часот)

Брера – Работнички

Пелистер – Беса

Шкендија – Силекс

Тиквеш – Струга

Вардар – Гостивар 3-0 (службено)

Воска – Шкупи 0-3 (службено)

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови