Connect with us

Неодиграниот меч на „Максимир“ кој го најави распадот на СФРЈ: Звоне Бобан го нападна полицаецот, над 200 луѓе беа повредени (ВИДЕО)

На денешен ден, 13 мај 1990 година, на стадионот „Максимир“ во Загреб се случи инцидент кој многумина го сметаат за симболичен почеток на распадот на СФР Југославија.

Наместо дерби меѓу Динамо Загреб и Црвена Звезда, стадионот стана сцена на жестоки судири. Натпреварот никогаш не беше одигран. Во немирите меѓу навивачките групи — „Бед блу бојс“ на Динамо и „Делије“ на Звезда — како и поради интервенцијата на тогашната милиција, беа повредени над 200 луѓе.

Снимките од хаосот го обиколија светот: скршени столчиња, камења, солзавец, чад и крв на трибините и теренот. Американската телевизиска куќа „Си-Ен-Ен“ овој настан го вклучи меѓу петте фудбалски натпревари кои го промениле светот, ставајќи го на четвртото место.

Во тоа време, тензиите во Југославија веќе беа ескалирани. Само еден месец порано, во Хрватска победи ХДЗ на Фрањо Туџман на првите демократски избори. Доаѓањето на власт на партија која лидерот на комунистите Ивица Рачан ја нарече „партија со опасни намери“, придонесе за зголемена политичка и национална напнатост. Тоа се рефлектираше и на фудбалскиот натпревар.

Навивачите на Црвена Звезда пристигнаа од Белград и други градови со воз во Загреб, се пееше, се кршеа автомобили, и избегнувајќи полиција, влегоа во градското предградие Трње. Во меѓувреме, „Бед блу бојс“ скандираа пароли како „Хрватска до Земун“.

Додека траеше загревањето на играчите, на трибините избувнаа инциденти. Според извештајот на делегатот Љубомир Бракановиќ, првите немири започнале на јужната трибина, каде биле „Делије“. Истовремено и на северната страна, домашните навивачи почнаа да фрлаат камења кон полицијата, која не била подготвена за такви конфликти. Среќа беше што играчите се повлекоа во соблекувалните навреме.

Во хаосот учествуваа и фудбалери на Динамо, најпознат меѓу нив беше Звонимир Бобан, кој удри полицаец – потег што подоцна ќе стане симбол на „отпорот“. Тој изјави дека не се кае и дека тоа било чин на борба против системот, а не против Србите.

По повеќе од еден час, полицијата го испразни стадионот и задржа навивачи на Звезда уште неколку часа, а потоа ги испрати назад за Белград. Во меѓувреме, навивачите на Динамо продолжија со нереди низ центарот на Загреб, оштетувајќи трамваи, автомобили и излози.

Фудбалерите останаа на стадионот, чекајќи ситуацијата да се смири. Бобан дури и дошол до соблекувалната на Звезда за да им каже дека ќе заминат безбедно.

Повеќе од три децении подоцна, овој ден останува длабоко врежан во меморијата на народите од поранешна Југославија – не како ден на неодигран натпревар, туку како пресвртна точка која го најави крвавиот распад на државата.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови