Connect with us

КОНМЕБОЛ побара од ФИФА да има 64 репрезентации на СП 2030

Светското првенство во фудбал 2030 година може да добие нов, историски формат со учество на 64 репрезентации, откако Јужноамериканската фудбалска конфедерација (КОНМЕБОЛ) официјално предложи проширување на турнирот. Предлогот е веќе доставен до Светската фудбалска федерација (ФИФА), а идејата е оваа бројка да овозможи на повеќе земји да земат учество во прославата на стогодишнината од првиот Мундијал, кој се одржа во Уругвај во 1930 година.

Светското првенство во 2030 година ќе се организира во Шпанија, Португалија и Мароко, додека мечевите на отворањето ќе се одиграат во Уругвај, Аргентина и Парагвај. Ова ќе биде првпат еден Мундијал да започне на три различни континенти – Јужна Америка, Европа и Африка.

„Убедени сме дека одбележувањето на стогодишнината ќе биде единствено, бидејќи ваков јубилеј се слави само еднаш. Токму затоа предлагаме турнир со 64 репрезентации, кој ќе биде симбол на единство и глобална фудбалска прослава“, изјави претседателот на КОНМЕБОЛ, Алехандро Домингез.

Доколку ФИФА го прифати предлогот, Светското првенство би се проширило на 128 натпревари – двојно повеќе од досегашниот формат со 64 меча. Според КОНМЕБОЛ, ова би значело сигурно место за сите 10 јужноамерикански селекции, вклучувајќи ја и Венецуела, која досега никогаш не се квалификувала на Мундијал. Дополнително, квотите за останатите континенти исто така би се зголемиле. Тука својата шанса ќе ја има секако и Македонија за историски настап на едно Светско првенство.

Сепак, предлогот не наиде на целосна поддршка. Претседателот на УЕФА, Александар Чеферин, го оцени како „лоша идеја“, а критичарите предупредуваат дека проширувањето може да го намали квалитетот на натпреварите и да го компромитира календарот, имајќи предвид големиот број мечеви што би се играле во краток временски период.

Светското првенство веќе еднаш беше проширено – од 32 на 48 селекции, а новиот формат ќе се користи за првпат на Мундијалот во 2026 година во САД, Канада и Мексико. Сега останува да се види дали ФИФА ќе направи нов историски чекор и ќе ја одобри идејата за турнир со 64 репрезентации во 2030 година.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови