Connect with us

Шкендија го пречекува Работнички, Беса гостува кај шампионот Струга ТЛ

Шкендија во Тетово го пречекува Работнички во дуелот на двете екипи кои имаат успешен старт на сезоната. Тетовци се фаворити, но и „романтичарите“ велат дека имаат свои планови да останат најмалку непоразени на овој меч

„Беше многу важно да се започне со три бода. Игравме добро и го добивме она што го сакавме. Секако, победничкиот старт е секогаш важен за продолжението на сезоната. Сега конечно доаѓаме да играме во Тетово на официјален натпревар и мотивирани сме да дадеме се од себе. Работнички е добар тим и ние го почитуваме, но ние сме Шкендија и одиме на победа на секој натпревар. Мораме да ги одработиме нашите задачи, бидејќи кога ќе го направиме тоа што го сака стручниот штаб, поблиску сме до успехот“, вели Флорент Рамадани од Шкендија.

Работнички сака да го продолжи позитивниот ефект, најавува крилниот напаѓач, Атдхе Мазари.

„По успешниот старт на сезоната, триумфот над Силекс, атмосферата во тимот е на високо ниво, а ние сме фокусирани да ја повториме таа игра, но и уште подобра, против Шкендија во Тетово. Тие се одличен тим, но и ние имаме свои амбиции и се надеваме на успех на денешниот меч. Свесни сме дека нема да биде лесно, ама од друга страна сме и мотивирани да го покажеме најдоброто од себе“, изјави Мазари.

Шампионот Струга ТЛ го пречекува новиот прволигаш Беса, а Силекс во Кратово ќе игра против Брера, која во првото коло го скина скалпот на Вардар.

„По триумфот над Вардар сега добивме дополнителна мотивација и за гостувањето во Кратово против Силекс, од каде очекуваме нови три бода. Компактни сме, обединети и веруваме во успех. Најголемата опасност по нашиот гол ќе бидат крилни позиции кои се најсилното оружје на кратовци“, изјави офанзивецот на Брера, Марјан Ристовски.

Во Штип, Гостивар ќе биде домаќин на Шкупи. Двете екипи ремизираа на стартот, па сега сигурно ќе сакаат да освојат три бода.

Тиквеш во Кавадарци е домаќин на Воска Спорт и фаворит за триумф на овој дуел.

Вечното македонско дерби меѓу Вардар и Пелистер ќе го затвори второто коло, со вечерна пресметка на арената „Тодор Проески“ во Скопје.

ДВОЈКИ ПРВА ЛИГА, 2. КОЛО (денеска, 17 часот)
ШКЕНДИЈА – РАБОТНИЧКИ
СТРУГА ТЛ – БЕСА
ТИКВЕШ – ВОСКА СПОРТ
ГОСТИВАР – ШКУПИ
СИЛЕКС – АП БРЕРА
ВАРДАР – ПЕЛИСТЕР (20 часот)

Standings provided by Sofascore

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови