Connect with us

Катанец: На Србите ќе им биде потешко против Словенија, отколку против Англичаните

Човекот кој ја предводеше Словенија на нивното дебитантско ЕВРО, а во минатото беше селектор и на Македонија, Сречко Катанец, предупреди дека репрезентацијата на Србија ја чека се освен лесна задача денеска во Минхен.

Фудбалерите на Србија ќе се соочат со Словенците во четврток од 15 часот, 24 години по епската пресметка на ЕВРО 2000 во Белгија и Холандија.

Тогаш на клупата на Словенците седеше Сречко Катанец, поранешен фудбалер на Партизан, кој смета дека Србија треба повеќе да се плаши од Словенија отколку од Англичаните.

„Не можам да верувам дека поминаа 24 години. Толку сме постари сега”, изјави Катанец, кој тогаш беше 37-годишен тренер.

Катанец ги спореди составите на Матјаж Кек и на Драган Стојковиќ.

„Србија има добра репрезентација, слично како Словенија, но треба повеќе да се плаши од Словенија отколку од Англија. Словенија нема, со некои исклучоци, одлични индивидуалци, Србија ги има повеќе. Но, Србија го нема истиот тимски дух кој ја води Словенија. А на теренот одлучува тимот, само повремено некој индивидуалец”, истакна Катанец.

За двата тима победата ќе биде императив, бидејќи за Словенија речиси сигурно би ги одвела во осминафиналето, а немаат што да загубат бидејќи во третото коло ги чека Англија.

Србија по поразот од Англичаните има потреба од бодови, а Словенија на хартија е најлесниот ривал и натпревар во кој се очекува победа, ако постои амбиција за пласман во следната рунда.

Србија и Словенија ќе се сретнат во Минхен од 15 часот.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови