Connect with us

Спалети кон Шпанците: Не се преценувајте!

Селекторот на Италија, Лучијано Спалети, беше во добро расположение пред натпреварот со Шпанија од групата Б на Евро 2024 в четврток, велејќи им на шпанските новинари да не се преценуваат и отфрлајќи ги тврдењата дека големиот судир е латино „дерби“. Италијанците, кои ја бранат титулата, победија со 2-1 против Албанија во првиот натпревар на шампионатот, додека Шпанија ја совлада Хрватска со 3-0.


Која селекција ќе победи, ќе обезбеди учество во осминафиналето.

„Има многу тимови кои играат убав, напаѓачки фудбал. Шпанија е еден од нив, но не сте единствени. Не се преценувајте! Ја почитуваме историјата на Шпанија и квалитетот на тимот, но не треба да мислите дека сте посилен тим отколку што сте навистина“, рече Спалети пред шпанските медиуми во Гелзенкирхен.

„Јас го сакам фудбалот што го игра Шпанија. Тоа е напаѓачки фудбал, тие ќе играат висок пресинг, дури ќе го притиснат и нашиот голман. Што се однесува до нас, имаме уште многу работа за да го достигнеме тоа ниво“, додаде италијанскиот селектор.

Очекувањата на сите се големи пред можеби најголемиот натпревар на турнирот меѓу шампионот од претходното издание Италија и трикратниот победник Шпанија. Но, Спалети не сака да му дава толку големо значење на дуелот.

„Ова не е ‘дерби’ за мене. Кога сте на Европско првенство, сите натпревари се финалиња, сите натпревари се уникатни, сите натпревари се нешто што треба да се запомни“, рече тој.

„Сакаме да играме ист фудбал што го игравме против Албанија и да се мериме против еден од најсилните тимови во Европа. Сигурен сум дека ако им ја оставиме топката, тоа ќе заврши лошо за нас. Така што, ќе мора да ја преземеме иницијативата против толку сериозни противници“, коментира Спалети.

„Љубопитен сум да видам што ќе се случи утре, кога ќе нѐ притиснат, што ќе направиме и како ќе одговориме на тоа. Мислам дека Шпанија ја победи Хрватска затоа што тие секогаш притискаа со иста брзина. Хрватска изгуби ритам и концентрација неколкупати и тие го искористија тоа максимално. Но, Хрватска покажа одлична игра“, заврши тој.

Италија влегува во натпреварот против Шпанија со надеж дека ќе игра толку елегантно, како да се облечени во костумите на Џорџо Армани, но се подготвени да се извалкаат, ако е потребно, направи интересна споредба Лучано Спалети.

„Ние носиме Џорџо Армани, а Џорџо Армани е познат низ целиот свет“, рече селекторот, запрашан дали овој натпревар ќе биде тест за неговата способност да и даде на Италија нов идентитет по помалку од една година работа.

„Ќе носиме ист костум, ќе се обидеме да бидеме исти. Се разбира, навистина сакаме да го играме натпреварот на наш начин и да се натпреваруваме со еден од најсилните тимови… ќе бидеме добро облечени, но сме подготвени да си ги извалкаме облеките, ако е потребно“, додаде тој.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови