
Најтрофејниот македонски фудбалски клуб виси пред бездна, финансиски крахиран, со долгови на се уште актуелниот спонзор Сергеј Самсоненко од околу 2,4 милиони евра и нарушена доверба кај сите фудбалери, тренери и вработени во клубот од секојдневните ветувања дека „утре ќе биде подобро“. Дури и водечкиот раководен тандем од периодот на Самсоненко, претседателот Мирко Спасески и извршниот директор Самоил Симев, е во оставка.
Токму поради овие причини, одложен е денешниот закажан старт на подготовките. Фудбалерите, оние што се уште се останати во клубот, односно не се снашле за да потпишат за друг клуб, а и тренерите кои треба да ја преземат обврската по заминувањето на Александар Васоски, одлучија да почекаат да расчисти ситуацијата во клубот. Ставот е јасен, нема веќе дружба за без пари и живеење од ден за ден, дека „не оваа среда туку следниот петок“ ќе има плата. Очигледно, смачено им е на сите кои беа во Вардар од таквиот живот.
Во меѓувреме, по заминувањето на шефот на стручниот штаб Александар Васоски, кој го презеде кормилото на Академија Пандев, се тенчи и играчкиот кадар. Најголем дел од стандардните првотимци заминаа или планираат заминување. Матеј Цветаноски потпиша за Шкупи, Јован Попзлатанов ја продолжува кариерата во Летонија, неколкумина се преселија во Академија Пандев.
Претседателот во оставка Мирко Спасески вчера во ФФМ го поднесе барањето за користење ваучер, но потребни се свежи пари во клубот, барем и за најминимално да функционира, за подготовки, за автобуси, за тековни работи. Колку и да звучи банално, тоа е реалноста на ФК Вардар.
Од друга страна, има „бајки“ за трансфер на власта, дека Сергеј Самсоненко ќе исплати се што не исплатил повеќе од една година до 31 јануари, а моќна компанија „Катар Ервејс“ би го преземала најтрофејниот клуб. Во една ваква ситуација, многу поголема активност треба да преземе и Град Скопје, кој ја поседува „златната акција“ и може да го врати најтрофејниот клуб под свои закрила се додека не најде нов стабилен спонзор.
Пораката од фудбалерите и тренерите е јасна…Нема веќе дружба за без пари во Вардар!

-
МАКФУДБАЛ ТИМ НА СЕЗОНАТА ВО ПРВАТА ЛИГА
Шкендија ја освои шампионската титула во Првата лига, а излез во Европа и настап...
Автор makfudbal
-
МАКФУДБАЛ ИГРАЧ НА СЕЗОНАТА: Бесарт Ибраими (Шкендија)
Тој е човек – титула. Каде игра Бесарт, тимот ја освојува шампионската круна. Така...
Автор makfudbal

Интернационалци
Едиз Спахиу на радарот на Сиваспор

Евро-фудбал
Наполи се откажа од трансферот на Дарвин Нуњез
