Connect with us

Сколс: Ретклиф не направи ништо добро во првата година во Манчестер Јунајтед

Поранешниот играч за врска на Манчестер Јунајтед, Пол Сколс, изјави дека сер Џим Ретклиф не направил ништо позитивно во првата година од неговото раководење со клубот и смета дека зголемувањето на цените на билетите покажува дека тој нема интерес за навивачите. Милијардерот и сопственик на компанијата „Инеос“, кој стана малцински акционер во Јунајтед на почетокот на 2024 година, го бранеше донесувањето на „тешки и непопуларни одлуки“ на „Олд Трафорд“.

Една од тие одлуки е контроверзното зголемување на цените на билетите на 66 фунти по натпревар, без попусти за деца или пензионери, што предизвика протести од страна на навивачите пред домашниот натпревар против Евертон минатиот месец.

„66 фунти за билет е апсурдно. Ако ја земете предвид ситуацијата во Манчестер, има толку многу сиромашни области, а сер Џим Ретклиф самиот потекнува од Фејлсворт, слично место“, изјави Сколс.


„Ако земете дете со вас, тоа се 120 фунти, а ако одите со целото семејство, зборуваме за 300-400 фунти. Тоа не е правилно. ‘Инеос’ се на чело на Манчестер Јунајтед речиси една година и сè уште нема ништо позитивно. Не можам да се сетам на ниту една добра работа што ја направиле за клубот“, додаде Сколс.

Тој истакна дека состојбата на клубот се влошува, па затоа е нелогично да се зголемуваат цените на билетите.

„Ова веројатно е нашата најлоша сезона во историјата на Премиер – лигата, а тие ги зголемуваат цените. Нема ништо позитивно што се случува околу клубот, а зголемувањето на цените на билетите покажува дека на раководството не им е грижа за навивачите“, заклучи Сколс.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови