Connect with us

Шкупи посакува сензација против Динамо за да испише нова клупска историја

Македонскиот првак Шкупи вечерва (21 часот) го игра најважниот натпревар во поновата клупска историја. Ќе се обиде да го скине скалпот на хрватскиот и балкански гигант Динамо Загреб и да се пласира во третата рунда од квалификациите за Лигата на шампионите. Тоа автоматски значи и обезбеден пласман во групна фаза од Лига Европа доколку не може дотурка подалеку во Лигата на шампионите. Тоа значи и испишување на нова блескава историја, но и повторување на најголемиот успех на еден македонски клуб во европски рамки, што досега го остварил само Вардар.

„Подготвени сме за надигрување, но и не „летаме“, затоа што многу добро знам против каков ривал ќе играме. Динамо е голем клуб, има одлични фудбалери, искусни во европските натпреварувања. Тие се фаворити и понатаму, нема сомнеж за тоа, иако одигравме 2-2 на „Максимир“ и денешниот реванш ќе го играме пред околу 20.000 наши фанови. Верувам дека ќе го дадеме максимумот, а за да направиме сензација мислам дека треба да се надминеме себеси и да одиграме за уште 40% подобро од првиот меч во Загреб. Но, ги гледав момците изминатите денови, како работат и колку ова многу им значи, и тоа ми влева дополнителна верба“, вели тренерот на Шкупи, Гоце Седлоски.

Динамо Загреб доаѓа да победи, и тоа јасно го напомена тренерот Анте Чачиќ. Аријан Адеми ќе има повторно клучна улога во средниот ред, а Стефан Ристовски овојпат ќе биде стартер и ќе игра како стопер, со оглед дека „модрите“ имаат проблеми со повредени фудбалери во дефанзивата.

Гоце Седлоски нема да може да смета на повредениот офанзивец Данфа.

Натпреварот е закажан за 21 часот, на арената „Тодор Проески“ во Скопје.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови