Connect with us

Проблемите со срцето ставија крај на кариерата на Оскар

Поранешниот играч за врска на Челси, Оскар, е принуден да ја заврши својата кариера откако колабирал за време на тренинг со Сао Паoло. На 34-годишниот Бразилец му била дијагностицирана вазовагална синкопа – состојба што влијае врз работата на срцето и крвниот притисок – поради што го известил клубот за својата намера да се повлече од професионалниот фудбал.

Оскар пред еден месец итно бил хоспитализиран откако се срушил додека возел статичен велосипед за време на тестирање во тренинг-центарот на Сао Паoло. Тој бил задржан на интензивна нега за следење, а деталните прегледи потврдиле нагло паѓање на срцевиот ритам и крвниот притисок. По разговорите со клупското раководство, Оскар ја изразил желбата за пензионирање, а официјалната објава се очекува наскоро.

Оскар во Сао Паoло се врати минатиот декември, потпишувајќи тригодишен договор по речиси осум години минати во Кина, каде што беше еден од најдоминантните играчи во лигата. Врвот на кариерата го доживеа во Челси, за кој одигра 203 натпревари и постигна 38 голови.

Со лондонскиот клуб освои две титули во Премиер – лигата, трофеј во Лига Европа и Лига купот, пред во 2017 година да замине во Шангај во трансфер вреден 60 милиони евра. Иако периодот во Кина му донесе бројни трофеи и значајна заработка, враќањето во татковината неочекувано беше прекинато поради здравствени, а не спортски причини.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови