Connect with us

ПАНДЕВ-ДОНИЈА…Зависни од Горан Пандев

Пишува: Никола Ѓуровски

Кога е капитенот Горан Пандев во игра и ја предводи Македонија, тогаш наликуваме на селекција што се доближува до европскиот фудбал, може да се надигрува и со посилни од себе, самоуверена дека има квалитет да ги победи условно послабите. Без него, речиси потоп. Нема идеја, нема храброст и одлучност, како да им се сечат нозете и на сите останати. 

Не е ова нешто ново за македонскиот национален тим, но, за жал, многу е очигледно, а Македонија е премногу зависна од Горан Пандев.

Тој е капитен за пример, со судни маки едвај побегна од Џенова за да дојде да го облече дресот на Македонија, го предводеше тимот до триумф над Косово, стигнавме на еден чекор до пласман на Европско првенство. Без него во Талин составот делуваше загубено иако поведе со смешен автогол на домаќините, потоа мораше Пандев да влезе и да спасува во последните триесетина минути. И повторно Македонија избегна пораз кога беше во речиси загубена ситуација, а токму Пандев постигна гол за резултатски „кам-бек“. 

Неговата аура во националниот тим е неверојатна, тој ја носи енергијата, со него сите се посигурни, а неговата класа секако е за одушевување, го потврди тоа и изјавата на грузискиот селектор Владимир Вајс. И можеби не е сега најдобриот тајминг за ова прашање, но што со Македонија после Горан Пандев? Ќе речете, остави сега тоа, да одиме на Европско, да се израдуваме еднаш како луѓе, па потоа ќе му ја мислиме. И да, се наметнува одговорот дека Елиф Елмас треба да биде новиот предводник, кој веќе чекори храбро по стапките на Пандев и во Серија А.

Најголемата добивка од Горан Пандев не е неговото фудбалско умеење, не е ни неговиот дух кој ги храбри останатите, туку неговата способност сите останати да ги направи подобри.                   
Се навраќам сега на оној трагичен пораз 5-1 од Србија и одлуката на Горан Пандев да се откаже од играње во националниот дрес. Бидејќи му беа буквално згадени многу работи.

Пет години е Игор Ангеловски селектор, има одлични резултати, најуспешен е резултатски во историјата на националниот тим, има повеќе победи од порази во портфолиото од 40 натпревари, а неговиот први и најдобар потег беше заминувањето во Џенова, да го замоли, да го убеди Горан Пандев повторно да игра за Македонија.

Останато е веќе историја, но искрено се надеваме дека ќе биде и фантастична иднина, со пласман на Европско првенство.       

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови