Connect with us

Не размислува за пензија: Роналдо потпишува нов договор со Ал-Наср

Кристијано Роналдо има 39 години, но се подготвува за нов договор. Португалецот не планира да престане со играње фудбал.

Португалската ѕвезда не размислува за крај на кариерата, барем не сѐ уште, бидејќи е решен да игра за Португалија на Светското првенство во 2026 година, чии домаќини ќе бидат Соединетите Американски Држави, Канада и Мексико.

Легендарниот фудбалер има договор со саудискиот клуб Ал-Наср до летото, но веќе се подготвува за нов. Според објавите на „ЕСПН“, Ал-Наср сака Роналдо да остане уште една сезона, а наводно сите страни се оптимисти за потпишување на продолжувањето на соработката.

Изгледа дека Роналдо повеќе нема да се враќа во Европа и дека Ал-Наср ќе биде неговиот последен клуб во кариерата. Неговата цел е да игра на Светското првенство во 2026 година, со што би можел да запише дел од историјата.

Доколку настапи на Светското првенство, тоа ќе биде неговото шесто учество, а ниту еден друг фудбалер не успеал да постигне таков подвиг во историјата. Кристијано Роналдо веќе е единствениот играч во историјата кој постигнал гол на пет различни Светски првенства.

Да потсетиме, на следното Светско првенство првпат ќе настапат 48 репрезентации, а Европа наместо досегашните 13 ќе има 16 места, па ќе биде полесно за Португалија да се пласира на турнирот.

Кон крајот на 2022 година, Роналдо потпиша за Ал-Наср. Тогаш ги изненади сите кога, по Светското првенство во Катар, реши да ја продолжи кариерата на Блискиот Исток.

Саудијците му понудија 70 милиони евра по сезона и многу други бенефиции, по што тој реши со своето семејство да се пресели во Ријад.

Пред Светското првенство во Катар, тој го раскина договорот со Манчестер Јунајтед, а претходно играше за Јувентус, Реал Мадрид и Спортинг Лисабон.

Се очекува дека голем број ѕвезди од Европа следното лето ќе дојдат во Саудиска Арабија. Медиумите неодамна објавија дека клубот на Роналдо ќе се обиде да ангажира некои големи ѕвезди како Мохамед Салах или Кевин де Бруин.

Во последната репрезентативна акција во Лигата на нации, Кристијано Роналдо стигна до својот 900-ти гол во кариерата.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови