Connect with us

Легендарниот Пепе стави крај на кариерата

Познатиот португалски дефанзивец Пепе стави крај на својата блескава фудбалска кариера, објавувајќи го тоа на социјалните мрежи. Тој е рекордер во историјата на Европските првенства како највозрасниот играч што настапил на еврофиналиња.


Пепе го постигна ова на возраст од 41 година и 130 дена, во четвртфиналниот натпревар против Франција на неодамнешното Европско првенство 2024, кој неговата селекција го загуби на пенали, а Пепе ја одигра целата средба.

Тој е исто така и највозрасниот играч што постигнал гол во Лигата на шампионите, како и најстар играч што се запишал во елиминациите на светските првенства.

Во текот на повеќе од две децении на највисоко ниво, Пепе играше за Маритимо, Порто, Реал Мадрид и Бешикташ. За националниот тим, централниот дефанзивец има 141 меѓународен настап, при што постигна осум гола, а со Португалија го освои Европското првенство во 2016 година, како и Лигата на нациите во 2019 година.

На клупско ниво, Пепе ги постигна своите најголеми успеси со Реал Мадрид, за кој одигра дури 334 натпревари и постигна 15 гола. Со „кралскиот клуб“ трипати ја освои Лигата на шампионите, исто толку пати стана шампион на Шпанија и освојувач на Купот на кралот, а двапати го освои и Светското клупско првенство и еднаш триумфираше во Суперкупот на Европа. Со Серхио Рамос, Пепе формираше една од највпечатливите централни дефанзивни двојки во историјата не само на Реал Мадрид, туку и воопшто.

Со Порто, кој се покажа како негов последен клуб во кариерата, Пепе освои четири титули во португалското првенство и петпати славеше во националниот Куп на Португалија. Со вкупно 878 натпревари и 34 освоени трофеи на сите нивоа, Пепе е еден од најуспешните фудбалери на нашата ера. Тој е исто така и еден од најчесто исклучуваните фудбалери во историјата со своите 17 црвени картони.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови