Connect with us

(ИН)ДИРЕКТ: Не е до менталитетот, до квалитетот е!

Македонија имаше водство од 2-0 против Украина и, според зборовите на Барди, играше како Барса до 60.минута, ама после се претвори во Валјадолид и – испадна од лига! Загубивме од Украинците со 2-3, а потоа заминавме на „колење“ во Манчестер и Англичаните чесно ни ја одраа кожата.


Седум „парчиња“ и убав спомен за некои дека играа натпревар на „Олд Трафорд“. За сите други Македонци, посебно оние што помалку разбираат фудбал, туку само гледаат во резултат, тоа е катастрофа на столетието.

Барди после Украина рече – до менталитетот е, а го поддржа и капитенот Стефан Ристовски.
Јас велам, не е до менталитетот, до квалитетот е!

Едноставно, немаме ние фудбалери од највисока европска класа. Посебно не, за да се носиме со Англија.

И бадијала сега споредби – дека сме ги победиле Италија или Германија на гости, такви чуда се случуваат еднаш во 20 или 30 години.

Оваа генерација фудбалери, најголемиот дел, играа и на Европското првенство до 21 година против Шпанија и загубија со 5-0. Селектор исто така беше Благоја Милевски.

Да не бидам погрешно сфатен. Јас прв на прес – конференцијата после масакрот на „Олд Трафорд“ го прашав Боби, јасно, гласно и директно – дали по овие 7-0 размислува за оставка. Си одговори човекот дека не е кукавица, за да бега кога е (нај)тешко. Во ред, секој нека си цени што тоа значи…

Европскиот првак Италија не отиде на Светско првенство поради Македонија, па Роберто Манчини не даде оставка, а и како што можеме да видиме, никој не му ја скина главата.

Секој што мисли дека има тренер што може повеќе со овие фудбалери во овој момент, слободно нека напише во коментар, и подготвен сум да дебатираме, ако разбира фудбал…

Странци ќе дојдат, ќе ги земат парите и ништо нема да направат, од овие нашите – сите сме ги испробале….некои и по двапати. Најголемото достигнување во кариерата им е македонски селектор, а богами и најголема плата што некаде ја добиле.

Но, што е со фудбалерите, и со изборот што го има селекторот, односно Милевски. Има двајца фудбалери од Топ 5 лигите, Елиф Елмас и Столе Димитриевски, добро…и Илија Несторовски, но тој одигра само 600 минути цела сезона во Серија А.

Некогаш (токму пред две години) Енис Барди и Езгјан Алиоски беа дел од Топ 5 лигите во Европа, а сега (не) играат во своите клубови во Турција.

Аријан Адеми беше на врвно ниво и капитен на Динамо Загреб, играше во ЛШ, а сега замина во Кина.

Дарко Велковски и Александар Трајковски се во Саудиска Арабија, лигата која поради Роналдо почнаа да ја даваат кај нас на ТВ, па може да се види дека таму е тоа една добра – рекреација за многу пари. Можеби и ќе се промени со новиот наплив на европски ѕвезди и фрлањето на мнооогу милиони, но сѐ се плашам дека тогаш пак нема да има место за нашите таму.

За еден тим од 11 некако и ќе скрпиме – како така…Но, кога ќе треба да се направат замени, тогаш дополнително губиме на квалитет – уште 40%. Замените се од првенства како Унгарија, Романија, Грција, Хрватска, Македонија…и тоа не се од топ клубовите во тие земји.

И одеднаш „умрени“ по поразот од Украина за кој се прерадувавме дека е победа по првиот дел, одиме во Манчестер.

Овие што не играат по клубовите, а секако се најдобриот избор во моментот, оти други – да не се лажеме нема. Ако има некој – јас меѓу првите ќе го напишам.

Излегуваме на „Олд Трафорд“, сите се одушевени дека се тука, а од другата страна се Кејн – 100 милиони, Сака – 100 милиони, Рашфорд – 100 милиони, Рајс – 100 милиони, Грилиш – 100 милиони, Фоден – 100 милиони.

За Барди, нашата „десетка“, Трабзонспор бара 4,5 милиони. Освен Елмас, останатите ниту од далеку не се со вредност од две цифри. Наши си се, си ги сакаме и секако ги почитуваме, но треба да бидеме и реални. Можеби „седумка“ е премногу, но пет гола е реалната разлика, луѓе…

Сакате за Украина да зборуваме? Мудрик – 100 милиони….Нашите сите заедно, до 50 едвај ќе стигнеме, кога е во прашање фудбалската вредност.

Не е до менталитетот, до квалитетот е!

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови