Македонија загуби на теренот, но оствари огромна победа. Не е само патриотска фраза, настапот на фудбалската репрезентација на Европското првенство е меѓу најголемите успеси што Македонија како држава ги остварила од осамостојувањето, па до денес. Да се биде дел од „големите“ во Европа, во најважната споредна работа на светот – е гордост!
Такви треба да останеме и во поразите. Горди, достоинствени, амбициозни и да ја сакаме Македонија. Да покажеме респект за фудбалерите, да им дадеме дополнителна поддршка, љубов, елан за да бидат подобри на следниот натпревар.
Прекрасно беше чувството да се биде Македонец синоќа на Националната арена во Букурешт. Искрено, многу мразам кога спортските новинари ќе облечат дрес на Македонија и ќе дојдат на натпревар. Срце јуначко вчера не издржа, го облеков на десетина минути, за фотографија за спомен, затоа што Пандев, Ристовски, Адеми, Барди и останатите влегоа во историјата. Го одиграа првиот историски натпревар за Македонија на европските првенства. Загубија од Австрија, но секако се победници.
Сега и за фудбалскиот дел од приказната. Австрија, сепак, беше подобра. За нијанса, но во европскиот фудбал, посебно на едно вакво врвно ниво, многу значи. Не париравме тркачки до самиот крај, не успеавме ниту да бидеме блиску до противникот за да го неутрализираме пред да биде опасно кон нашиот гол. Во три ситуации, тоа се покажа кобно.
И едно е ние да мислиме дека можеме, а друго е навистина тоа да го покажеме на теренот. Тоа ни успеа со Германија, да се надминеме и да направиме сензација, но овојпат бевме подобро прочитани…Односно, Австријците воопшто не не потценија. Искрено, тоа не се ни очекуваше, затоа што сепак е ова Европско првенство. Играме против најдобрите во Европа и тука нема импровизации, а и најмала грешка многу скапо се плаќа.
Да погледнеме и од друг агол. Си ги сакаме ние нашите репрезентативци најмногу на свет, но Европа е фудбалски сурова. Најдобриот фудбал во Европа се игра во Лигата на шампионите. А Македонија – нема ниту еден фудбалер што игра во ЛШ. Токму тоа е нивото и овде, на Европското првенство. Да не бараме преку леб погача, оти ни недостига малку повеќе од житото.
На трибините беше „црвено-жолто“. Ех, за ова мечтаеме уште од времето кога играа Дарко Панчев, Чеде Јаневски, Илија Најдоски, Бошко и Милко Ѓуровски, а потоа Митко Стојковски, Ѓорѓи Христов, Гоце Седлоски…Тогаш натпреварите на Македонија се играа пред преполни трибини. Вчерашниот меч ме потсети на тие години и посакувам (короната пуста тоа го спречи) и Пандев, Алиоски, Барди, Ристовски, да истрчаат на нашата арена и да грми „Напред Македонија“ од 36.000 грла.
Тоа е магијата на фудбалот, тоа е страст за својата репрезентација, тоа е поддршка за милениците.
Затоа, без депресија, молам, Македонија секако е победник на ова Европско првенство. Да уживаме, да навиваме и да ја бодриме фудбалската репрезентација. Рефренот оди вака…„И во радост, и во солзи, ние ќе те бодриме“…
-
Ексклузивна колумна на Филип Лам: Хомогеноста на Шпанија против непредвидливите Германци
Осум селекции сѐ уште остануваат, но сите дваесет и четири нации придонесоа за успехот...
Автор makfudbal
-
(ИН)ДИРЕКТ: Време е за ново „правило“: Ако не минеш две кола во Европа, следните три години „не смееш“ да играш!
Македонските фудбалски туристи се прошетаа низ Европа, добро, низ споредните државички кои се далеку...
Автор Nikola Gjurovski