Connect with us

Бразилците се насочија кон Жорге Жесус, откако пропадна „дилот“ со Анчелоти

Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, вторпат во текот на една година ја одби понудата од Бразилската фудбалска конфедерација и нема да го преземе кормилото на Селесао. Токму италијанскиот стручњак во последните денови беше посочуван како сигурен наследник на Доривал Жуниор на клупата на бразилската репрезентација.


Преговорите со Анчелоти целосно пропаднале откако тој лично отпатувал во Лондон за да го извести претседателот на Бразилската фудбалска федерација, Едналдо Родригес, за неговата одлука.

Според информациите на „А Бола“, по ширењето на оваа вест во Бразил, вниманието повторно се насочува кон Жорге Жесус. Поранешниот тренер на Фламенго се споменува како втора опција на Бразилците за селектор кој ќе го води тимот на претстојното Светско првенство во САД, Канада и Мексико.

Ал-Хилал вчера ја загуби големата цел за сезоната, откако беше елиминиран во полуфиналето од Лигата на шампиони на Азија. Ситуацијата и во домашното првенство исто така не е розова за Жорге Жесус, чиј тим пет кола пред крајот заостанува шест поени зад лидерот Ал-Итихад.

Во Бразил имаат намера што е можно побрзо да го финализираат изборот на нов селектор, за истиот да биде на клупата за натпреварите со Еквадор (4 јуни) и Парагвај (7 јуни) во рамки на квалификациите на КОНМЕБОЛ за Светското првенство во 2026 година.


Бразилската конфедерација подготвува конкретна понуда за Жорге Жесус, кој по завршувањето на сезоната во Саудиска Арабија (последниот натпревар е закажан за 25 мај) е подготвен да се врати во Бразил, каде што во сезоната 2019/20 постигна голем успех со Фламенго.

Проблем може да претставува учеството на Ал-Хилал на претстојното Светско клупско првенство, каде што ќе се натпреварува во групната фаза против Реал Мадрид, Салцбург и Пачука. Можно е заменикот на Жорге Жесус да го води тимот на тој турнир, со што би започнал и со подготовките за сезоната 2025/26. Се очекува претседателот на Ал-Хилал, Фахад бин Нафел, со кого Жесус има одлични односи, исто така да ја напушти функцијата.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови