Connect with us

Милевски: Со нетрпение го очекувам новиот собир со репрезентативците

Селекторот на фудбалската репрезентација на Македонија, Благоја Милевски, објави поширок список од 28 фудбалери на кои ќе смета за двата пријателски натпревари против Молдавија и против Црна Гора кои ќе се одиграат во Анталија.


Ново име на списокот е Лирим Ќамили, напаѓач на данскиот Хвидовре, а во националниот тим се враќа Дарко Велковски, кој повторно е во натпреварувачки ритам и игра одлично во Динамо Букурешт.

„Со нетрпение го очекуваме новиот собир по подолга пауза од последниот натпревар од квалификациите за Европското првенство. Во Турција ќе патуваат 28 фудбалери. Сметам дека нема причина за некои поголеми промени. Остануваме со верба во играчите кои ги одиграа последните квалификации, со тоа што за прв пат го повикавме Лирим Ќамили од дански Хвидовре. Се работи за офанзивен фудбалер кој има континуитет на добри игри во својот клуб и сакаме да го видиме во репрезентативната средина“, изјави Милевски.

Собирот на репрезентацијата на Македонија е закажан директно во Анталија на 18. март. Натпреварите против Молдавија (22. март, 15:30 часот) и против Црна Гора (25. март, 18:00 часот) се играат на стадионот „Мардан“ во Анталија.

„Натпреварите против Молдавија и Црна Гора ни се многу важни во подготовките за следните квалификации, со посебен акцент на зајакнување на добрата атмосфера и заедништво. Треба да бидеме подготвени и полни со мотив, иако се работи за пријателски натпревари. На тренинзите и натпреварите треба да влеземе сериозно, одговорно и цврсто. Тоа ќе го барам од сите во тимот. Фокусот ќе биде на тактичките замисли и како треба да изгледаме во Лигата на нации, а тоа значи игра во која ќе бидеме рационални, паметни, агресивни, компактни и фокусирани“, истакна селекторот на националниот тим.

Advertisement
Advertisement
Advertisement

Facebook

Тимови