
Поранешниот дефанзивец на Барселона, Жерар Пике, ќе мора на распит кај истражен судија како дел од судската истрага за бизнис-зделката што доведе до организирање на Суперкупот на Шпанија во Саудиска Арабија.
Истрагата испитува сомнежи за корупција и перење пари, поврзани со Луис Рубијалес, поранешниот претседател на Шпанската фудбалска федерација, од 2019 година.
Судот во Мадрид соопшти дека федерацијата и Саудиска Арабија потпишале договори во 2019 и 2020 година за десетгодишно партнерство за одржување на турнирот во блискоисточната држава за 40 милиони евра годишно. Дополнително, уште 4 милиони евра годишно требало да бидат исплатени како комисија на компанијата за спортска забава на Пике – „Космос“, додека тој сè уште бил активен фудбалер на Барселона и учествувал во Суперкупот.
Пике, поранешен сопруг на поп-ѕвездата Шакира, веќе се повлече од фудбалот и негира какви било неправилности.
Обвинителството започна истрага за оваа зделка во 2022 година, откако во јавноста протекоа аудиоснимки од разговори помеѓу Рубијалес и Пике за милионските провизии.
Рубијалес, кој беше испрашан од судија во април 2024 година, негира дека направил нешто незаконско. Еден месец подоцна, Пике беше ставен под истрага.
Случајот сè уште е во почетна фаза, а судијата може да одлучи дали ќе го затвори или ќе препорача судски процес.
Рубијалес, исто така, беше осуден минатиот месец за сексуален напад, откако без согласност ја бакна шпанската фудбалерка Џенифер Хермосо по финалето на Светското првенство за жени во 2023 година.

-
МАКФУДБАЛ ТИМ НА КОЛОТО ВО ПРВАТА ЛИГА
Вардар во последен миг „украде“ бод од Кратово, а Шкендија, Струга ТЛ и Работнички...
Автор makfudbal
-
МАКФУДБАЛ ТРЕНЕР на колото: Горазд Михаилов (Беса)
Беса го направи најголемото изненадување во 23.коло од Првата фудбалска лига. Не е лесно...
Автор makfudbal

Млади репрезентации
Фудбалерите до 15 години поразени од Хрватска на вториот тест
